Скопје

Славески за предлогот за еколошките автобуси: Овој предлог до сега не обезбедил поддршка од повеќе од 6-7 членови на Совет на град Скопје

,,Очигледно уште еднаш треба да се цитира дефиницијата за лудило што му се припишува на големиот Ајнштајн: Тоа е кога одново и одново правите една иста работа, а очекувате различен резултат.

Град Скопје со соопштение известува дека за седницата на Совет на град Скопје, закажана за 16 јули, по 21-ви пат доставиле предлог-Одлука за долготочно домашно задолжување за набавка на еко автобуси.

Притоа ги обвинуваат советниците од коалицијата “За подобра Македонија”, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за негласање на предлог-Одлуката, без да наведат дека во континуитет од 45 советници овој предлог до сега не обезбедил поддршка од повеќе од 6-7 членови на Совет на град Скопје.

Исто така, наведуваат: “Како очигледна демонстрација на сила и самоволие, спротивно на деловникот и статутот Претседателот на Совет Трајко Славески ниту на седница на Советот закажан за 19.06.2024 година не ја стави точката за нови автобуси на дневен ред за гласање.”

Точно е дека ваква точка, предложена од градоначалникот Арсовска до Совет по 20-ти пат, не беше вклучена во предлог-дневниот ред за седницата на Совет на град Скопје што се одржа на 19 јуни. Но, пропуштаат да ја известат јавноста дека при утврдување на дневниот ред за седницата предлог-Одлуката беше предложена како дополнителна точка од дневниот ред.

Во ваков случај, за да се прифати некој предлог за изменување и дополнување на дневниот ред е потребно позитивно да се изјаснат мнозинство од присутните советници во салата.

При гласањето овој предлог доби поддршка од само 7 членови на Совет на град Скопје.

Некаде во втората половина од минатата година Арсовска најави дека во буџетот на град Скопје за 2024 година ќе предложи одредена ставка за набавка на нови автобуси за ЈСП -Скопје. Таков предлог изостана. Убеден сум дека членовите на Совет ќе дадеа поддршка за набавка на автобуси со средства од буџетот.”, напиша Трајко Славески на мрежата Х.

На почеток