13 пожари во последното деноноќие, еден се уште активен во Велес,


ЦУК информира дека имаше 13 пожари на отворено во последното деноноќие, 12 се изгаснати од пожарникарите и од нив активни утрово има само 1, во Општина Велес, помеѓу с.Отишино и с.Оризари (каде гори ниска вегетација) ТППЕ Велес интервенирале со 3ПП возила и 11 пожарникари и поради темнината се повлечени од теренот.
Утрово ќе продолжат да дејствуваат согласно ситуацијата на теренот.
Една третина од вчерашните пожари на отворено биле на повик за гаснење депонии или ѓубришта, а од нив вообичаено се шири огнот и на поголем простор во околината. Вообичаено тие диви депонии се до населби и освен што од нив може да се прошири пожарот, дополнително опожарените диви депонии и ѓубришта го загадуваат амбиенталниот воздух, особено во градовите каде што е веќе загаден воздухот.
Такви примери имаме на повеќе места, а вчерашен пример, од сношти, е хроничниот проблем со палење на дивата депонија „Вардариште“ во скопската Општина Гази Баба, за што граѓаните коишто гравитираат во тој скопски реон, со право реагираат дека многу често се пали и освен што опасност за пожари во околината, дополнително го загадува и воздухот во скопската котлина.
ЦУК, покрај тоа што редовно ги известува надлежните служби и институции, апелира до граѓаните да не палат отпадоци и ѓубре на ова топло време и сува вегетација во природата.
