Свет

Четири дена по ураганот голем број луѓе во Тексас се уште се без струја

Околу милион домови и деловни објекти во Тексас се уште беа без струја вчера, четири дена откако ураганот Берил ја зафати американската сојузна држава со силни ветрови и поплави, предизвикувајќи фрустрација кај бизнисите, службениците и жителите кои се соочуваат со екстремни горештини.

Нешто повеќе од половина од корисниците на електроенергетската компанија CenterPoint Energy, односно 2,3 милиони од нив добиле струја до четврток наутро, соопшти најголемиот снабдувач на струја во Тексас.

Во Фрипорт, пак, повеќето ресторани останаа затворени по невремето поради недостиг на струја. Оштетените далноводи поминаа низ патиштата, а жителите се натрупаа во Мекдоналдс во областа, едно од ретките отворени места, за да ги полнат своите телефони.

Тешкотиите во обновувањето на електричната енергија, исто така, ги забавуваат напорите на некои компании да ги рестартираат своите операции, особено околу Фрипорт, еден од најголемите енергетски центри во Тексас, но повеќето нафтени и гасни компании продолжија со нормална работа.

Фрипорт ЛНГ, третиот најголем производител на течен природен гас (ЛНГ) во САД, вчера почна да повлекува мали количини природен гас за преработка, откако во неделата го намали производството.

„Главната загриженост оваа недела поради влијанието на ураганот Берил врз производството на ЛНГ во САД е намалена“, рече потпретседателот на консултантската компанија Ристад, Веи Ксионг во белешката до клиентите.

Пристаништето Фрипорт соопшти дека ограничувањата за испорака наскоро може да бидат укинати, додека пристаништата во Хјустон, Галвстон и Тексас Сити се отворени. Заливот на Тексас е дом на огромни капацитети за преработка на нафта и гас, како и фабрики кои произведуваат и извезуваат хемикалии.

40 отсто од производството на нафта во САД и 20 отсто од производството на природен гас во земјата се одвива во Тексас.

Рафинериите, морските производствени локации и пристаништата претрпеа ограничени штети и главно беа вратени во нормална работа до четврток.

На почеток