Македонија

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ го врати процесот на ЕУ интеграции 10 години назад

Владата на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски нема ниту план, ниту патоказ по кој ќе ја креира надворешната политика на земјата. Предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ дека тие ќе успеат да издејствуваат подобри услови за преговори со Европската Унија и дека ќе добијат цврсти гаранции за превенирање на понатамошни блокади сега се разобличуваат.

Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешниот брифинг со новинарите. Филипче додаде дека во изминатиот еден месец, откако новата Влада е во функција, со ниту еден чекор не покажала дека има намера сериозно да ја постави позицијата на земјата во однос на надворешната политика, напротив Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги влоши веќе воспоставените позициите кои беа напорно градени.

„Како со временска машина ВМРО-ДПМНЕ реши да ги уназади сите процеси и напредокот во меѓународната политика. Отворивме проблем со Грција кој беше целосно затворен. Сега ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе го решавало по судски пат. Ние 20 години тоа се обидувавме да го направиме и не успеавме дури и со пресуди во наша корист. Нема иницијатива со Бугарија, а имаше само еден последен чекор да се направи“, истакна Филипче.

Наместо наметнување на македонскиот наратив и позиции, Мицкоски, кој ја предводеше македонската владина делегација во Вашингтон на прославата на 75 години од постоењето на НАТО алијансата, одигра маргинална улога на НАТО Самитот, смета Филипче.

„Мицкоски немаше ниту една конкретна средба со ниту една делегација или премиер на земја стратешки партнер за да се испорачаат нашите барања. Напротив, гледаме само сојузништво со Орбан и нејасна перспектива. ВМРО-ДПМНЕ треба да излезе и јасно да каже каде ја води државата, кој е планот, и во која временска рамка планира тоа да го направи“, потенцира Филипче.

Филипче уште еднаш ги потсети ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски дека ветувале подобри услови во преговорите и промена на преговарачката рамка и дека тоа граѓаните го очекуваат од нив.

„И СДСМ го чека ова и ќе го поддржи секој напор за подобри услови и гаранции кои ќе ги обезбеди ВМРО-ДПМНЕ. Но, нема да поддржиме блокада на процесот и отворање на нови конфликти“, изјави Филипче.

На почеток