Финансии: Судство и обвинителство има пари за плати и додатоци од 35%, но не и за нови вработувања
Судството и обвинителството во клинч со Министерството за финансии за парите во ребалансот на буџетот. Правосудството тври дека им се кратат пари, од финансии им одговараат:на Обвинителството и судството не им се скратени средства. Кратење има само во делот на новите вработувања затоа што вработувањата не биле реализирани онака како што биле буџетирани.
Од Министерството појаснуваат наместо за нови вработувања судството и обвинителството парите си ги трошеле за плати.
„И обвинителство и судство имаат право од 35 проценти додатоци заради ризичност. Тоа не значи дека на нив им следува и дека треба да го земат, имаат право на тоа во одредени такви ситуации. Тие предвидуваат во ставката плати постојано како да ќе вработуваат нови кадри. Никого не вработуваат, тук таму по некој и потоа си ги пренаменуваат средствата, а нови вработувања нема никаде, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Финансии појаснува дека нивото на буџетирање во овие две области го задоволува процентот што го имаат другите земји, но дека процентот на ефикасност е низок и дека довербата во судството е ниски два проценти.
„Прво да одговорат зошто се зголемуваат пресудите од Европскиот суд за човекови права каде почнавме да плаќаме огромни суми затоа што не постапувале на време“, побара министерката.
Претставниците на Судскиот буџетски совет и на државното Јавно обвинителство Силвија Јаневска и Љубомир Коцевски на првиот ден од расправата за ребалансот на Буџетот излегоа со забелешки дека не смее да има кратење на средствата наменети за судската власт и за обвинителството, бидејќи тоа ќе влијае на нивната автономија и на квалитетот и ефикасноста на правдата.