Македонија

Кабинет на Османи: „За жалење“ е начинот на кој е разрешен инцидентот на скопскиот аеродром

Кабинетот на косовската претседателка Вјоса Османи се огласи по вчерашната прес-конференцијата во Скопје, на премиерите на Република Северна Македонија и Република Косово Мицковски и Курти.

Од кабинетот повторно реагираа за инцидентот на скопскиот аеродром. Оттаму велат дека претседателката на Република Косово никогаш не побарала пречекорување или прекршување на процедурите, туку почитување на меѓународните правила, како што се прави во целиот свет.

Според соопштението, претседателката на Косово ја претставува државата внатре и надвор. И покрај екстремно строгите безбедносни правила на аеродромите во голем број земји, тие го прифаќаат претседателот на државата како највисок претставник на државата и никогаш не бараат да се скенира ниту личната торба, камоли телефонот, а уште помалку да бараат скенирање на целото тело бидејќи тоа, меѓу другото, би значело дека тие го третираат шефот на државата, значи и државата како потенцијален ризик од тероризам, стои во соопштението.

Прес-конференција на двајцата премиери, Мицковски и Курти, според Кабинетот на Османи била за жалење.

„Начинот на кој беше претставен инцидентот во Скопје на вчерашната прес-конференција е за жалење бидејќи уште повеќе придонесе за пропагандата против Република Косово. Она што се случи на аеродромот во Скопје е јасно прекршување на меѓународните правила признати и применувани во светот, па затоа Претседателството очекува да биде известено за преземените мерки во врска со овие прекршувања, како што беше истакнато во протестната нота упатена од Република Косово“, се вели во соопштението на кабинетот на Вјоса Османи.
Од кабинетот на косовската претседателка велат дека го поздравуваат изразувањето жалење од страна на премиерот Христијан Мицкоски.

„Иако го цениме изразувањето жалење од страна на премиерот на Северна Македонија, за жал, досега институциите на Северна Македонија во ниту еден момент не се осврнаа на прашањата покренати во протестната нота поврзани со кршењето на меѓународното право во однос на Републиката Косово. Напротив, отворено и без никакво двоумење прифатија такво прекршување. За ова не се потребни дополнителни извештаи и истраги за ниту една фактичка состојба бидејќи тие се целосно ирелевантни пред јавното прифаќање на институциите на Северна Македонија дека ваквото правило е намерно наметнато, и покрај јасните барања на меѓународното право“, стои во соопштението на кабинетот на Османи и посочуваат дека претседателката Османи во текот на својата политичка кариера, а особено во текот на мандатот како претседател на државата, придонела за развој и продлабочување на позитивните односи со Северна Македонија, но таа не може никако да го прифати потценувањето на Република Косово.

Од кабинетот на Османи додаваат дека оваа ситуација лесно може да се надмине доколку се има политичка волја од официјално Скопје.

На почеток