Го избришаа ли Саше Димовски од ЗНМ додека беше на болничка постела: здружението тврди дека е лага, а се правда со член за супспензија од Правилник за членство
Новинарите се простија од колегата Саше Димовски. Но, дел од нив се шокирани и револтирани од односот на Управниот одбор на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Едните информации се дека Димовски бил исклучен од здружението додека бил во болница, додека од раководството на ЗНМ посочуваат дека тоа не е точно. Од здружението велат дека имало само трансферирање на членство од редовен во придружен член. За ваквата одлука наоѓаат оправданост поради ангажманот кој Димовски го доби кај претседателката на државата, во Комисијата за помилување. Прво велат дека консултирале адвокати, потоа дека заседавал Управниот одбор. Кога побаравме да ни достават изработена одлука, ни кажаа дека таква не постои. Не ни е пратен ниту дневниот ред за седницата од кој може да се увиди дали ова била специјална седница за Димовски или се разгледувале други точки. Иако од претседателот Младен Чадиковски побаравме датум на закажување на седницата, добивме само датум на одржување.
Сепак, ако се следи Статутот и Правилникот за членство на кој се повикува ЗНМ, Управниот одбор може да заседава за прием и престанок на членство, но не и за трансферирање. Здружението се повикува на член 10 и велат: „Не станува збор за исклучување на членство како што имате наведено, туку за промена на статус во придружен член согласно член 10 од истиот правилник. Согласно член 10 од Правилникот за членство и членарина, со именувањето во Комисијата за помилување како постојано работно тело во служба на Претседателот, тој добива статус на придружен член на ЗНМ. Оваа одредба предвидува трансформација на членството“.
Ако се провери правилникот може да се утврди дека членот е за суспензија на членството. Во него не се предвидува никакво трансферирање туку суспензија и се вели: „Членството се смета за суспендирано за време на и една година по завршувањето на извршувањето на функцијата Пратеник во Собранието на Република Македонија, Министер во влада, член на совет, градоначалник, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието на Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија или органите на локалната самоуправа…“.
Од ЗНМ го побаравме и записникот кој би требало да се води за време на седница на Управен одбор. Тој не ни е доставен и ни е посочено: „Пред да се утврди дневниот ред на наредната седница, се усвојува записникот од претходната седница и секој член може да стави забелешка и да бара измени или дополнувања. Ова значи дека записникот не се смета за формален до неговото усвојување на наредната седница на Управниот одбор“, па ја објаснуваат неговата форма и што содржи.
„За прашањата што го уредуваат членството, согласно статутот на ЗНМ, Управниот одбор не носи одлуки туку констатира состојба. Во предвид беше земен и Законот за помилување како и објавената информација на веб страната на претседателот на РСМ што укажува дека станува збор за постојано работно тело во служба на претседателот на државата“, тврдат од ЗНМ.
Оттука се отвори прашањето, кој и што му соопштил на Димовски за неговиот статус во ЗНМ, ако Управниот одбор нема таква надлежност туку само констатира. Прашавме и што претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски му соопштил на Димовски поврзано со членството, во петокот, на што не добивме конкретен одговор туку коментар за начинот на кој сме го поставиле прашањето.
„На начинот на кој е поставено последното прашање, се создава перцепција дека некој имал намера да го вознемирува Димовски, а тоа е целосно неточно и погрешно особено поради тоа што негувавме пријателски и професионален однос со единствена цел, а тоа е градење на посветена новинарска заедница. Таков беше односот на сите тела и органи во ЗНМ вклучително и на УО и на Советот на честа“, посочуваат од ЗНМ.
Доколку членството на Димовски било трансферирано од редовно во придружно, тогаш, тој не можел да биде избран во органите и телата на ЗНМ. Оттука, отворено остана и прашањето дали Димовски бил отстранет од функцијата претседател на Советот на честа додека бил во болничка постела.
„Под придружно членство се подразбира членство во ЗНМ кое во однос на правата и обврските е изедначено со редовното членство, со исклучок на правото да избираат и да бидат избрани во органите и телата на ЗНМ и немаат право да одлучуваат за Статутот на ЗНМ“, стои во Правилникот.
Од ЗНМ посочуваат дека Димовски не е прв член кој бил дел од Комисијата за помилување на кого му е трансфериран статусот во здружението. Посочуваат дека и во претходниот состав на Комисијата за помилување, кога новинар бил дел од неа, било постапено од нивна страна.
Новинарката и главна и одговорна уредничка на „Телма“, Снежана Лупевска-Созен, простувајќи се со колегата Димовски, прва обзнани за потегот на ЗНМ преку јавен статус.
„Вечна слава колега Саше! Беше борец и како човек и како новинар. Критичен и со остро перо. Почивај во мир. А колку што ме вознемири веста за неговата смрт ме вознемири и односот на Управниот Одбор на ЗНМ кој вчера најбезобразно му соопштил на Саше дека не е веќе член на здружението (за 5 години) оти бил член на државна комисија за помилување во која и претходно членувал наш колега, но не беше избришан од списокот на ЗНМ. За мене раководството на ЗНМ е збир на група луѓе со лични агенди и двојни аршини особено дрско кон новинарите како Саше кои немаат влакна на јазикот“, напиша Лупевска-Созен.
Новинарката Емилија Мисерлиевски од „Телма“, која е дел од Советот на честа со кој раководеше Димовски, преку јавна објава сведочи за неговата вознемиреност во петокот, кога веќе бил примен во болница.
„…Во ниеден момент не помислив дека разговорот во петокот ќе ни биде последен! Беше толку вознемирен! Ах, бе Саше! Ќе ми недостига твојата острумност, мудрост и бунтовност, нема друг во еснафот со таков порив да ги оправа работите во новинарството! Нека ти е вечна слава, другарче, остави силен печат во Советот на честа, колку тоа некому да пречеше!“, напиша Мисерлиевски.
Погребот на Димовски беше извршен денеска. Тој почина на 47-годишна возраст по долги и тешки здравствени проблеми. Ја следеше работата во правосудниот систем и важеше за најдобар правник меѓу новинарите и пошироко.
Саше Димовски работеше како новинар од 1996 година во телевизиите Сител, Канал 5 и ТВ 24 Вести. Работел во неделникот и дневниот весник „Фокус“ на позиција новинар и уредник. Соработувал со повеќе дневни и неделни изданија, локални и регионални тв медиуми. Основач е на граѓанската организација и онлајн медиумот СВЕДОК од 2015 година.