ЗНМ: Загрижува што пратеник на владејачка партија употреби несоодветни квалификации за Ордановски


Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бара да престанат партиските пресметки во кои се користат имиња и ставови на новинари, бидејќи ваквата практика е неприфатлива и штетна за целиот медиумски простор.
„Посебно загрижува фактот што пратеник на владејачка партија, на две последователни прес-конференции, употреби несоодветни квалификации за новинарот Ордановски, врамувајќи го во политички и партиски контекст. Оваа реторика, кога доаѓа од политички функционери, не само што е контрапродуктивна за слободниот јавен дискурс, туку создава и ризик од продлабочување на недовербата и поттикнување негативни чувства кон новинарите.
ЗНМ апелира јавните функционери да се воздржат од изјави што можат да се протолкуваат како етикетирање или дискредитација на новинари. Ваквите постапки не се во духот на демократските вредности и го загрозуваат квалитетот на јавната дебата
Доколку имаат забелешки за одредени медиумски содржини, политичарите можат да поднесат претставка до релевантните саморегулаторни тела, како што се Советот на чест при ЗНМ или Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ)“, велат од ЗНМ.
