Македонија

(Документ) Саше Димовски бил суспендиран од ЗНМ, никаде не стои дека останува придружен член – раководството ја заобиколи вистината!

Новинарот Саше Димовски бил суспендиран од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), покажува дописот кој „Скопје1“ го доби по три дена преписки со раководството, а му бил испратен и нему. Во него, не стои дека тој останува „придружен член“ како што тврди ЗНМ во одговорите до нашата редакција, туку јасно се посочува: „…тој го губи статусот на полноправен член на ЗНМ“, а потоа му појаснуваат на Димовски дека одредбата значи суспендирање на членството за време на извршување на работните ангажмани.

„Согласно член 10 од Правилникот за членството и чланарината, со именувањето на Саше Димовски во Комисијата за помилување како постојано работно тело во служба на Претседателот, тој го губи статусот на полноправен член на ЗНМ. Оваа одредба предвидува суспензија на членството за време на извршувањето на ангажманите во органите на државната управа како и други државни органи. Бидејќи Комисијата за помилување е работно тело на Претседателот на државата, именувањето во неа спаѓа под овие одредби“ стои во дописот кој го доби „Скопје1“ од ЗНМ, а испратен до Димовски.

Дописот кој претсдателот на ЗНМ го испратил до Димовски за суспензија на членството, а кој „Скопје1“ го доби од раководството

Ова е спротивно на ставот кој претходно го кажа ЗНМ, кога „Скопје1“ прашуваше дали Димовски бил исклучен од здружението.

„…Беше констатирано дека членството на Димовски во ЗНМ продолжува како придружен член, како што имало бројни други случаи и во минатото. Димовски не бил исклучен од ЗНМ, неговиот придонес во новинарството и во ЗНМ беше исклучителен…“, стои во одговорот од ЗНМ до „Скопје1“.

Одговори од ЗНМ во кои тврдат дека Димовски од редовен станува придружен член од 06 август испратени до „Скопје1“

Бидејќи нашата редакција имаше пристап до документот и пред ЗНМ да ни го испрати официјално, неколку пати ги препрашавме дали Димовски останал или не е член на ЗНМ. Па така, во одговорот од вчера јасно посочуваат: „Како што е појаснето во претходните одговори, не станува збор за исклучување на членство како што имате наведено, туку за промена на статус во придружен член согласно член 10 од истиот правилник“.

ЗНМ во секој одговор до „Скопје1“ го тврдеше истото – дека Димовски не е исклучен од членството

Бидејќи раководството и претседателот Младен Чадиковски се повкуваат на седница на Управен одбор каде било констатирано дека Димовски не може да биде член, ги побаравме, но не ги добивме записниците. За ова имаа свое оправдување во кое се вели: „Во однос на прашањето за записници и дневен ред, истите служат за потребите на Управниот одбор на ЗНМ и за подобро организирање на тековните активности со кои здружението раководи или има обврски да ги исполнува. Освен ова, записниците не се стенографски туку се куси и концизни и истите дополнително служат за евидентирање на текот на седниците на членовите на Управниот одбор“.

ЗНМ не го дава записникот од седницата на Управниот одбор

„Скопје1“ веќе објави дека ако се следи Статутот и Правилникот за членство на кој се повикува ЗНМ, Управниот одбор може да заседава за прием и престанок на членство, но не и за трансферирање. Здружението се повикува на член 10 кој објаснува во кој случај се суспендира членството. Овој случај предизвика револт кај новинарската фела.

Испративме и покана до претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски за гостување во вонредно издание на поткастот „Претрес со Ландов“, но тој кажа дека не е во можност, како и дека објасниле опширно сѐ што имале.

На почеток