23 години од масакрот кај Карпалак
Делегација на политичката партија Левица, предводена од членот на ЦК Игор Димески денес положи свежо цвеќе на местото на масакрот кај Карпалак.
На ова место во 2001 година, животот го загубија 10 армиски резервисти, кога нивниот конвој беше нападнат од заседа поставена од (сега амнестираните) терористи на УЧК. Сите резервисти беа родум од Прилеп, а загинаа кога нивниот камион беше во заседа погоден со ракетни фрлачи.
Кукавичката заседа на Карпалак беше извршена само четири дена пред потпишувањето на компромитирачкиот и меѓународно посредуваниот Охридски рамковен договор. Дел од тогашните генерали подоцна тврдеа дека во моментот кога не беа сигурни дали ќе се постигне конечната цел на агресорот – пред потпишувањето на (рамковен) договор, се активира притисокот со непотребни човечки загуби, надвор од зоната на воените дејства, за да се „убеди” македонскиот народ дека друго решение нема, туку да се потпише Рамковниот договор.
За жал, македонската држава и ниту една власт досега не се оддолжи на бранителите кои животот го положија за одбрана на територијалниот интегритет на Републиката. Вечна им слава на храбрите македонски бранители:
– Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски, Сашо Китаноски и Пеце Секулоски.