(Документ) И скопјани ја исмејуваат: Арсовска се пофали дека го разрешила, но директорот на Паркови сам се повлекол
Дел од директорите на јавните претпријатија кренаа раце од Данела Арсовска и поднесоа оставки, а градоначалничката, не признава порази, па реши да се пофали дека таа ги разрешила нив. „Скопје1“ преку извори во Град Скопје, дојде до изјавата за отповикување од функцијата на директорот во ЈП „Парови и зеленило“. Арсовска пак, јавно најави и казна за директорот, односно ревизија.
Според изјавата, архивирана на 12.08.2024 година од Град Скопје, кога и „Скопје1“ објави дека Мартин Ангеловски ја напушта Арсовска, тој се повлекол од лични причини.
„Јас, Ангеловски Мартин, в.д. директор на ЈП Паркови и зеленила-Скопје, на ден 12.08.2024 година, давам оставка од лични причини“, стои во изјавата.
Откако веста на „Скопје1“ молскавично се прошири низ јавноста, Арсовска веќе следниот ден (вчера), реши да се фали дека таа го разрешила Ангеловски.
Дополнително, му најави и ревизија, а индиректно посочува дека тој е вмешан во корупција.
„Поради неправилности при работењето и непочитувањето на договорот за вработување од функцијата директор на ЈП Паркови и зеленило е разрешен Мартин Ангеловски. Справувањето со корупцијата и самоволието во градот Скопје беше и едно од главните предизборни ветување на градоначалничката Данела Арсовска. Никој не смее да си поигрува со народните пари, а уште помалку со довербата на граѓаните на градот Скопје. Во ЈП Паркови и зеленило е најавена и вонредна ревизија од град Скопје која треба да започне до крајот на оваа недела“, објави Град Скопје.
Ваквите потези на Арсовска доаѓаат во време кога скопјани бараат оставка од нејзе, бидејќи ја сметаат за неспособна да се справува со проблемите и да го води градот. Истовремено, таа се крие од јавноста и бега од неа. За тоа сведочи и вчерашниот нејзин потег, кога застана, па замина откако ја виде екипата на „Скопје1“.
Истовремено, скопјани се исмејуваат со градоначалничката. Таа смени над 30 директори додека го извршува мандатот.