Македонија

Прашањето е зошто судот одлучил да го стави Рамадани во куќен притвор, наместо ефективен, вели Тошковски кој остро реагираше кон СДСМ

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски остро реагираше на обвинувањата кон него.

„СДСМ уште еднаш покажа дека наместо да се фокусира на вистинските проблеми и да понуди конструктивни критики, избира да обвинува само за да обвини.
Во случајот со бегството на Блерим Рамадани, вистинското прашање треба да биде зошто судот одлучил да го стави лицето во куќен притвор наместо во ефективен притвор. Познавам писмени правници и во СДСМ кои ја разбираат поделбата на власта и знаат дека МВР и судот се различни институции, но жално е што раководството на СДСМ и нивната ПР служба ги игнорираат овие факти и обвинуваат за да добијат ситни политички поени.

Со ваквите празни обвинувања, СДСМ само признава дека нивната некогашна власт ја оставила државата целосно руинирана. Меѓутоа, да се префрли вината за сѐ на новата влада е манипулација со јавноста.

МВР во овој случај постапи согласно законот и максимално професионално. Лицето беше предадено на судот по барање на Интерпол, што е во согласност со позитивните законски прописи. СДСМ да престане со празни обвинувања, а ние и понатаму ќе бидеме фокусирани на вистински решенија за подобрување на состојбата во државата.

Изборите на 8 мај беа јасна порака од народот – СДСМ доживеа историски најлош резултат. Наместо да ја разберат пораката и да се посветат на вистинските прашања, тие продолжуваат со истите стари тактики. Време е да се соочат со реалноста и да сфатат дека народот не заборава кој ја остави државата во ваква состојба“.

На почеток