Филипче: 35% од оние кои гласаа за ВМРО-ДПМНЕ денес не би гласале повторно за нив


Општото незадоволство од владеењето на Мицкоски и неговата Влада е очигледно вели во интервју за неделникот Фокус, претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Во интервјуто, Филипче ги коментира кадровските политика на владата и пропустите кои ги прави Мицкоски и неговата влада како во процесот на реформи, така и во сферата на економијата и надворешната политика на Македонија.
„ Според нашите анализи, 35% од граѓаните кои гласале за ВМРО-ДПМНЕ на изборите денес не би го направиле истото. Ова е јасен индикатор дека поддршката за Владата паѓа. Според мене, Владата ги изневери скоро сите клучни ветувања“-вели Филипче.
Во интервјуто за неделникот „Фокус“, претседателот на СДСМ, коментира дека од владеењето на Мицкоски разочарани се и работниците, а со економските политики кои ги планираат, стандардот на граѓаните ќе биде уште полош.
„Ги разочараа работниците на кои јасно им порачаа дека не се приоритет. Платите со ВМРО-ДПМНЕ нема да растат, додека според нивните економски проекции на БДП, нема да расте ниту економијата. Истовремено, најавуваат даночен рај за најбогатите компании, политика која е исклучително погрешна и целосно несоодветна за 2024 година. Таа носи и ризици по меѓународните финансиски рејтинзи на државата. Ако на ова се додадат огромните задолжувања, но и поскапувањата кои Владата нема намера да ги контролира и амортизира, јасно е дека животниот стандард само ќе тоне“-вели Филипче за неделникот „Фокус“.
Коментирајќи ги кадровските политики на новата влада, предводена од Мицкоски, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вели дека тоа е најлошо екипирана влада досега, со секојдневни гафови на министрите поради нивната нестручност и некомпетентност. Што се однесува до надворешната политика, наместо решенија Мицкоски креира нови конфликти со соседите, вели претседателот на СДСМ.
