(Видео) Пустош: Карпош и „Паркови“ на Град Скопје ненадлежни – тревата исушена, наоколу ѓубре
Претпријатието „Паркови и зеленило“ одбива да се грижи за тревата под зградите кои се наоѓаат на булеварите, а во голем дел, тоа не сакаат да го прават ниту општините. Пример за тоа е спрегата на релација Општина Карпош-Град Скопје, односно Стевчо Јакимовски-Данела Арсовска.
Зелените површини под зградите во Карпош 4 се целосно пожолтени, бидејќи во текот на цело лето, не виделе ниту капка вода. „Скопје1“ побара од новиот директор на ЈП „Паркови и зеленило“ да објасни зошто не се наводнуваат тревниците.
„Тоа што е низ булеварите, тревата на средина – се под наша надлежност. Парковите што се под зградите, се под надлежност на општините. Ние организираме акции за да се проверат сите булевари“, вели в.д. директорот Јетон Бучи кој доаѓа од ДУИ.
View this post on Instagram
Општина Карпош исто така „крена раце“ пред тревата во нивната општина. Тие сметаат дека не треба да водат грижа ниту за наводнување, ниту за отпадот – па истиот, ниту го чистат градските комуналци, ниту општинските. Па така, по невремето кое го зафати Скопје пред скоро два месеци, гранките од дрвата стоеа на улиците, па на паркинзите и на крај останаа на тревниците. Сепак, Карпош, реши да ги собере иако и натаму се правдаа дека ако не ги најдат паднати после првата улица од тревникот – не треба да мрднат со прст.
Сепак, и покрај пребарувајќи на сите онлајн-сервиси, не најдовме правилник кој го уредува ова прашање. Останува отворено прашање дали „надлежноста“ е законски уредена или станува збор за џентламенски договор.
Кога Стевчо Јакимовски дојде за градоначалник на Карпош, небитно му беше чија е тревната површина или надлежноста за чистење. Тој посочуваше дека сѐ мора да биде средено, бидејќи граѓаните него и општината го критикуваат.