Доделени дипломите на матурантите од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“
Синоќа на Долни Сарај, со пригодна свеченост беа доделени дипломите на матурантите од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“, генерација 2023/24 година. Пред матурантите во името на Општина Охрид, се обрати советничката Александра Настоска Николоска.
– Крај на едно поглавје од вашиот живот и отворање на нова страница, нови предизвици, нови радости за Вас и вашите најблиски. Миг и момент кога сте исполнети со емоции, недоумици, надежи. Толку карактеристично за вашата возраст кога имате безброј прашања и силна енергија да освојувате нови хоризонти. За она што досега сте го постигнале, примете ги моите најискрени честитки за вложениот труд и постигнатиот успех. За она што ве очекува на патот на исполнување на вашите сништа – моите најискрени желби истото да го остварите и да бидете водечка генерација која ќе биде компетитивна со успешните од целиот свет и ќе може да одговори на предизвиците кои ги носи иднината.
Енергијата која ја носите во вашите срца нека ве следи за време на целиот живот. Љубовта кон најблиските, пријателите и татковината нека ви биде вечна инспирација, за вашиот личен успех и благосостојба на нашата родина. Ве охрабрувам посветено, чесно, етички исправно и со голем труд да ја минувате животната патека. Плодовите на таквиот пристап во креирањето на вашите животи, верувајте секогаш ќе стигнат – порано или подоцна за ваша целосна исполнетост и среќа и добробит на пошироката заедница.
Сега, кога стоите исправени пред една од најважните крстосници во животот, кога треба да одлучите што понатаму, ве охрабрувам никогаш да не запрете. Борбата што ќе ја водите во непрекинатата река, наречена „живот“, во никој случај нема да биде лесна, но верувајте дека само од вас ќе зависи дали ќе ги остварите вашите желби и мечти. Секое искуство и тоа како ќе ви послужи во понатамошниот пат што полесно да ги решавате сите предизвици.
Спомените кои ќе ги носите од средношколските денови секогаш ќе останат со вас. Тие се едни од најубавите. Дури и во подоцнежниот период од вашите животи, со нескриена радост ќе ги раскажувате случките од средношколските клупи. Но, пред вас се и студентските денови, професионалното вработување, формирање на семејство и сите радости и предизвици кои го сочинуваат животниот пат.
Она што е најважно: Секогаш бидете свои, со позитивна енергија, нескршлива морална вертикала во вашите постапки и константна професионална посветеност. Тоа е клучот на успехот за Вас, тоа е гарантот за извесната среќна иднината на нашето општество – истакна во своето обраќање Настоска Николоска.