Македонија

Трипуновски: Пумпната станица Таор е во катастрофална состојба, наш приоритет е модернизација на земјоделството и водостопанството во Македонија

„Денеска заедно со Директорот на АД Водостопанство сме во посета на пумпната станица Таор. Оваа станица ги покрива општините Петровец, Илинден и Гази Баба, каде што се зафаќаат води од околу 6.600 хектари преку 150 километри отворена каналска мрежа“, истакна Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски при посета на пумпната станица во Таор заедно со Директорот на АД Водостопанство, Филип Филиповски.

Министерот посочи дека при посетата може да се увиде дека пумпната станица е во катастрофална состојба. Изминативе години не се инвестирало во модернизација и одржување на станицата. Поради неодржување на пумпната станица во Таор имало сериозен ризик од загрозување на тој дел од скопската котлина.

„Ние веќе во наредната година во програма ќе предвидиме средства за модернизација на оваа станица, да се намали ризикот од евентуални штети кои што би значело излевање на водата од оваа каналска мрежа“, изјави Трипуновски.

Тој додаде дека изминатиов период Владата одвои 100 милиони денари на АД Водостопанство за покривање на платите на вработените кои што веќе 4 месеци немаа зедено плата. Две плати се исплатени, а во наредните денови и другите две плати ќе бидат исплатени на вработените од АД Водостопанство.

„Со тоа сакаме да кажеме дека навистина како Влада даваме сериозен приоритет во делот на Водостопанството бидејќи е важна гранка во земјоделството како за надводнување така и за одводнување на земјоделските површини“, појасни Трипуновски.

„Со овој приоритет ќе продолжиме и во наредните години бидејќи нас земјоделството и водостопанството ни се важен сегмент во целиот земјоделски процес кој што го имаме како држава“, изјави Министерот.

На почеток