Македонија

(Видео) Стартува втората сезона од поткастот „Претрес со Ландов“!

На 11-ти септември стартуваме со втората сезона од поткастот „Претрес со Ландов“. Од центарот на Скопје, Ви најавуваме што да очекувате секоја среда, од 21 часот, во живо!

„Позади мене е законодавниот дом. Законите се носат, но дали се применуваат? Колку е тешко законските текстови да се преточат во дела? Нашите закони ќе бидат подобни за претресување во нашиот поткаст!“, стои во најавата.

Нема да куртули ниту Владата.

„Преку Извршната власт се кршат копјата на системот во една држава. Во оваа зграда, за повозрасните бивша ЦК, а денешна Влада на Република Македонија – се носат најважните одлуки за мојата, твојата и нашата иднина. Колку од тие одлуки биле исправни, а колку биле погрешни? Фактите што прават во владата ќе ги утврдиме во втората сезона во Претрес“, се додава во најавата.

А што со правораздавањето?!

„Зад мене е куќата каде што во изминатите години правораздавањето беше заменето со кривораздавање. Нерасчистени случаи, драконски казни, чесни и нечесни судии. Кои од овие судии и кој од правосудната власт ќе бидат првите кои ќе дозволат да ги претресеме ние, граѓански, како ние знаеме…“, се додава во најавата.

Нема да куртулат ниту обвинителите…

„Порано ги велеа: џелатите на секоја власт. А тие се само обвинители. Колку тие покренаа соодветни а колку несоодветни обвиненија.. колку од истрагите се завршија, а колку завршија во фиоките на обвинителите.. кој ќе биде првиот обвинител кој ќе дозволи да го претресеме во живо…“, вели водителот Кристијан Ландов.

Од граѓани до градоначалници – секој ќе може да дојде во нашето студио, велат од продукцијата.

„Локалната власт има улога директно поврзана со вас. Дали локалната власт е на висина на својата задача. Познавајќи ги своите ингеренции, ревносно исполнувајќи ги задачите.. или локалната власт се претвори во власт каде матните зделки се пред интересите на граѓаните.. кој од градоначалниците ја оправда вашата доверба, а кој не… и за крај пред оваа институција ќе го поставиме суштинското прашање. Дали градот скопје заслужува ваква управа и дали ќе добие конечно градоначалник кој ќе биде на висина на својата задача.. секако во втората сезона, редно ќе биде да ја претресеме градоначалничката, пред да ја претресат други!“, се заклучува во најавата.

 

На почеток