СЗО предупредува: Зголемен ризикот од сексуално преносливи болести
Светската здравствена организација денеска предупреди за зголемен ризик од сексуално преносливи инфекции, како и несакана бременост поради намалената употреба на контрацептивни средства кај младите.
Според извештајот на СЗО, речиси една третина од адолесцентите (30 проценти) изјавиле дека не користеле кондом или контрацептивни таблети за време на сексуалниот однос, односно, помеѓу 2014 и 2022 година, уделот на сексуално активни млади луѓе кои користеле кондомот за време на секс паднал од 70 на 61 отсто кај младите мажи и од 63 на 57 отсто кај девојчињата.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге оцени дека овие податоци се загрижувачки, но не и изненадувачки.
„Сеопфатното сексуално образование соодветно на возраста продолжува да се занемарува во многу земји, а онаму каде што е достапно, во последниве години е изложено на сè поголем напад поради лажните премиси дека поттикнува сексуално однесување“, рече Клуге.
Извештајот објавен денеска вклучува и препораки за креаторите на политиките, воспитувачите и здравствените работници, кои опфаќаат широк спектар на теми, вклучително и сеопфатно сексуално образование, кое треба да се спроведува во секое училиште.
Главниот автор на извештајот Андрас Келто од Универзитетот во Голвеј (Ирска) рече дека образованието мора да биде повеќе од само давање информации и предложи да се отворат „безбедни простори“ за младите да разговараат за сите прашања поврзани со интимните односи, пренесува Еурактив.
„Владите, здравствените и образовните власти и граѓанските организации треба да им помогнат да ги развијат клучните животни вештини, вклучително и транспарентна комуникација и носење одлуки без осудување“, додаде тој. Покрај едукацијата на тинејџерите, потребна е финансиска и политичка поддршка за да се развијат силни програми за образование за побезбеден секс, додаде СЗО.
Студијата од 2022 година нарачана од Комитетот за правата на жените и родовата еднаквост на Европскиот парламент (FEMM), исто така, ја истакна потребата да се инвестира во наставниците и персоналот што работи во училиштата. Според комисијата на ФЕММ, институциите на ЕУ треба да обезбедат средства за промоција на сексуалното образование и размена на најдобри практики меѓу земјите-членки.
Како што е наведено, пример е Каталонија, каде училиштата воведоа пилот програма за сексуално и емоционално образование за сите деца на возраст од 3 до 15 години. „Имаме докази, алатки и стратегии за да ги подобриме резултатите од сексуалното здравје на адолесцентите. Она што ни треба е политичка волја и ресурси за да го оствариме тоа“, рече Маргрет де Луз од Универзитетот во Утрехт, еден од коавторите на извештајот.
Се додава дека сексуалното образование е задолжително во 19 земји од Европската унија, а во многу е групирано заедно со образованието за сексуалната ориентација и родовите улоги, велат од Европската комисија.