Нов напад со нож во Германија: Петмина повредени, тројца критично
Пет лица се повредени, од кои три се во критична состојба, во напад со нож во автобус во западниот германски град Зиген, соопшти вечерва полицијата.
32-годишниот напаѓач е уапсен, соопшти полицијата.
Најмалку 40 лица патувале со автобус до градскиот фестивал во Зиген, на околу 75 километри од Келн, кога се случил нападот околу 19 часот и 40 минути, се наведува во соопштението.
Инцидентот се случи една недела по фаталниот напад со нож во градот Солинген во западна Германија, кога напаѓачот уби три, а повреди осум лица.
Осомничениот сторител, 26-годишен Сириец е во притвор. Терористичката група Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот, иако германските власти се уште ја истражуваат веродостојноста на тврдењето.
Полицијата во Зиген ги повика граѓаните да не шират лажни вести на социјалните мрежи или други канали, а особено да не го поврзуваат инцидентот со терористички напад.
Засега нема информации за мотивот на нападот.
Полицијата и вечерва е на местото на настанот, прибира докази и сослушува сведоци.