Амбасадата на САД во Косово загрижена и разочарана поради упадот на полицијата во српските општини


Амбасадата на САД во Косово излезе со соопштение по рацијата на косовската полиција во српските општини посочувајќи дека ја изразува својата загриженост и разочарување поради континуираните некоординирани активности преземени од Владата на Косово кои продолжуваат да имаат директен и негативен ефект врз припадниците на српската заедница и другите малцински заедници во Косово.
„Оваа акција не е координирана со ниту еден елемент на меѓународната заедница“, се вели во соопштението на амбасадата на САД на Косово.
САД и меѓународните партнери постојано бараат од Владата на Косово да и даде приоритет на координацијата со меѓународната заедница и да не презема еднострани дејствија за прашања кои се на агендата на Дијалогот со посредство на ЕУ.
„Неуспехот на Владата на Косово да одговори на овие барања го одразува вистинското и растечко влошување на нашето партнерство. Некоординираните акции на Владата на Косово ги ставаат косовските граѓани и војниците на КФОР во поголем ризик, непотребно ги ескалираат регионалните тензии и го поткопуваат угледот на Косово како доверлив меѓународен партнер“,
соопшти амбасадата на САД во Косово.
