ЈСП тоне во проблеми: Директорот си игра „криенка“ со долгот, сервисери откажуваат, не кажуваат ниту колку треба да им се плати на приватните превозници
Градската власт не успева да набави нови делови за расипаните автобуси, а не пак, нови возила. Истовремено, приватните превозници се гневни бидејќи ЈСП не им ги исплаќа фактурите, па решија да кренат рачна и да си ги бараат парите. Во две реченици, ова е состојбата со јавниот превоз во Скопје. Во понеделник, учениците треба да се вратат во училиштата, а во исто време е најавен и стартот на поголемиот хаос во градот.
„Скопје1“ пред осум дена побара од ЈСП да кажат, колкав е долгот кој го има претпријатието заклучно со август, но и колку побарувања имаат кои не им се наплатени. Наместо бројки, добивме проширена реченица и криење на информацијата.
„Со оглед дека за материјалот кој треба да се прибави од секторот за финансиско работење треба подолг временски период за обработка Ве упатуваме Вашето барање да го упатите преку слободен пристап до информации од јавен карактер, преку соодветната законска постапка“, велат од ЈСП.
Истиот однос, го имаа од ЈСП и на прашањата поврзани со приватните превозници. Баравме од претпријатието да кажат колку фактури ЈСП треба да исплати кон приватните превозници (се мисли на сите кои имаат договор со ЈСП) заклучно со 1 август и на кој износ, но и колку фактури досега се исплатени заклучно со истиот период и на кој износ. На ова не добивме никаков одговор.
Неколку автобуси се запалија, куп се испорасипаа по градските улици, еден учествуваше и во несреќа за која возачот кажа дека е поради неисправност. „Скопје1“ упати јасно прашање до Драги Кушевски, директорот во ЈСП поставен од Данела Арсовска, дали тој чувствува малку одговорност. На ова, добивме одговор: „Ќе проверам“, за по осум дена – тој да молчи.
Претходно, Кушевски, на седница на Совет на Град Скопје самиот призна дека не успеваат да ги сервисираат расипаните автобуси. Тој посочи дека тоа е последица на долгот кој го имаат направено раководствата на ЈСП.