Стотина автобуси остануваат во гаража: приватните превозници од денеска не возат, а ЈСП и онака нема доволно возила
Започнува училишната година, а приватните автобуси кои требаше да ги заменат и расипаните возила на ЈСП – ќе останат паркирани. Се воведува редуциран сообраќај. Како што едногласно одлучиле, приватните превозници ќе сообраќаат на една линија само по еден автобус и тоа еднаш во денот, наутро или навечер. Што значи дека според зимскиот возен ред ќе недостасуваат 150 автобуси. Оваа одлука следи откако од ЈСП не добија позитивен одговор за исплата на нивниот долг, ниту за покачување на цената по километар.
Бидејќи на седницата на Град Скопје не помина одлуката за потребата од набавка на нови еко автобуси, директорот на ЈСП, Драги Кушовски рече дека ќе се обиде да бидат поправени околу 40 автобуси кои би биле пуштени во сообраќај, што е далеку зад бројката од 150, кои недостасуваат. Но потоа, не даде одговор колку од овие автобуси се поправени, а на улиците се сведочеше уште за други десетици кои се расипуваа, а неколку и се запалија.
Во меѓувреме, посебна компанија која работи на линиите 9, 11, 11а, 12, 47 и 55 нема да учествува во прекинот. Оваа компанија ќе се придржува до договорот со ЈСП и ќе го одржува редовен распоред на услуги. „Компанијата продолжува да ги исполнува своите обврски според прописите за транспорт и ќе ги одржува линиите во функција“, потврдија тие.
Владата го повика градоначалникот да го подмири долгот со приватните превозници за да се реши прекинот и да се обезбедат непречени градски транспортни услуги.