Свет

(Видео) Русија ги нападна Киев и Лавов со беспилотни летала и ракети

Руските сили лансираа проектили и беспилотни летала кон Киев и Лавов, на западот на Украина, недалеку од границата со Полска, соопштија денеска украинските власти, додека полските воени авиони се во подготвеност.

Очевидци за Ројтерс изјавија дека слушнале неколку експлозии на периферијата на Киев и Лавов и тврдат дека системот за противвоздушна одбрана бил активиран.

Украинските воени претставници изјавија дека одбранбените единици биле ангажирани во одбивањето на нападот, а регионалниот гувернер на Лавов Максим Козицки додаде дека станбените згради биле оштетени во Лавов.

Истовремено, Полска денеска подигна воени авиони по трет пат во осум дена за да ја обезбеди безбедноста на својот воздушен простор, наведува британската агенција.

„Ова е уште една многу зафатена ноќ за целиот систем за противвоздушна одбрана во Полска поради набљудуваната активност на авијацијата на долг дострел на Руската Федерација која изведува напади“, соопшти воениот штаб на земјата на мрежата Х.

Тоа доаѓа откако руските сили вчера со две балистички ракети погодија воен институт во украинскиот град Полтава во најсмртоносниот напад на војната оваа година, при што според украинските власти загинаа 50, а беа повредени стотина.

Украина е под предупредување за воздушен напад веднаш по полноќ, а одвоено предупредување за ракетен напад е издадено и за Лавов.

На почеток