Македонија

Мицкоски: Јас не сум од оние политичари кој ќе рече ќе стави бројчаник, а после од него да нема ни “Б”

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во гостувањето во „Претрес со Ландов“ говорејќи за работата на Владата во овие изминати 80 дена истакна досега има покачено пензии, исплата на заостанати плати, како и нови инвестиции, воедно говорејќи за одговорноста потенцираше дека додека е премиер нема да има недопирливи.

„На 24 јуни сметката беше минус 12 милијарди денари или отприлика околу минус 200 милиони евра, нешто што досега се нема случено. Ја реструктуиравме самата влада, односно ги оптимиравме секторите во кои цениме дека треба да се развиваме како држава, и мислам дека направивме добар потег за идните генерации“, рече премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски посочи дека се донесе ребалансот на буџетот, а со него се предвидоа многу работи кои што беа изоставени од претходната влада.

„Ќе споменам неколку. Во буџетот пред да биде донесен ребалансот недостасуваа без тековното законско покачување на пензиите, не зборувам за линеарното, околу 5 милијарди денари, односно повеќе од 80 милиони евра не беа предвидени. Ги вративме платите кои не им беа исплаќани со месеци на вработените во Национални шуми и АД Водостопанство, некаде околу 350 милиони денари, околу 6 милиони евра. За земјоделците предвидовме една милијарда денари средства кои претходно не биле предвидени, стари долгови, а долгот е околу 3,2 милијарди денари. Предвидовме една милијарда денари која недостасуваше за исплата на К15 во вработените во јавна администрација. Повеќе од 83.000 вработени ќе добијат по 11.000 денари кон крајот на годината“, изјави Мицкоски.

Премиерот Мицкоски додаде дека со ребалансот се предвидоа 6 милијарди денари за капитални инвестиции во општините, но и пари за покачување на пензиите.

„Денеска можам со задоволство да кажам дека ден пред истекот на рокот на јавниот повик 66 општини пријавија 215 проекти, и тие не се само ВМРО-ДПМНЕ и очекуваме утре да стигнат и други. Тоа се 215 проекти кои ќе го променат животот на граѓаните. Предвидовме средства за зголемување на пензиите оваа година 2.500 денари линеарно по пензионер, од март уште 2.500 денари, со тоа нашето клучно ветување за првата година, ние во првите 9 месеци ќе го испорачаме кај граѓаните“, изјави премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски исто така нагласи дека се донесе огромна странска инвестиција од половина милијарда долари во делот на енергетиката која треба да креира повеќе од 600 работни места, да произведува 1 терават час електрична енергија што е отприлика 25-30% од вкупното наше годишно производство и тоа е чекор кон енергетска сувереност и независност, огромен потег кој досега регионално не можеше да се замисли.

„Заокруживме три други странски инвестиции како она Епсотек, Вабтек и компанијата која практично започна пред два дена во ТИРЗ Скопје 2. Тоа се нови три инвестиции кои ќе имаат повеќе од 1.000 вработувања и отприлика 200 до 220 милиони евра извоз и додадена вредност врз домашниот производ. Работиме уште на три такви инвестиции, од кои две се проширување на производниот капацитет на веќе постојни инвестиции и една нова од 150 милиони евра каде сме во потесна конкуренција со голема држава членка на ЕУ“, рече Мицкоски.

Говорејќи за ветената одговорност, премиерот Мицкоски истакна дека додека е премиер нема да има недопирливи.

„Пред граѓаните мора да сме отчетни и поднесеме отчет што сме правеле. Секој што се огрешил пред закон ќе одговара. Јас не сум од оние политичари кој ќе рече ќе стави бројчаник, а после од него да нема ни Б. Нема да најавувам спектакли, да ангажирам полициски специјални единици да растревожувам семејства, естрада од оваа Влада нема да има“, изјави Мицкоски.

На почеток