Свет

Расте црниот биланс од тајфунот во Виетнам: Најмалку 197 лица загинаа, 128 се водат како исчезнати

Најмалку 197 лица загинаа, а 128 се водат како исчезнати во поплавите и одроните предизвикани од тајфунот Јаги, што во саботата го погоди Виетнам, соопшти денеска Министерството за земјоделство и рурален развој на оваа земја.

Јаги, најсилниот тајфун што ја погоди Азија оваа година, падна на северниот брег на Виетнам во саботата и се упати кон запад, погодувајќи го главниот град Ханој со бури и силен дожд, објави Ксинхуа.

Невремето погоди и други провинции покрај Црвената река, урнувајќи мост во понеделникот.

Властите во вторникот започнаа кампања за собирање донации за погодените, а од покренувањето и броењето на иницијативата се собрани речиси 17 милиони долари.

Виетнамската влада издвои 200 тони ориз од националниот резерват и дополнителни средства за 14 погодени провинции за да им помогне на локалното население додека работи на поправка на штетите, спроведување на операции за пребарување и спасување и обновување на основните услуги.

Тајфун го погоди и Тајланд во средата, при што загинаа најмалку две лица, а стотици останаа блокирани бидејќи спасувачките мисии беа отежнати од поплави и лизгање на земјиштето.

На Филипините како последица на тајфунот загинаа најмалку 16 лица, а во Кина две лица.

На почеток