„Несериозно е да се носат измени по скратена постапка“, второстепната комисија за работен однос реагира оти ќе ги укинат
Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, се бунтува на законските измени со кои истата ќе биде укината. Тие реагираат бидејќи не биле поканети во изработката на законскиот текст, како и дека спојувањето на оваа комисија со друга нема да може да функционира со иста ефикасност.
„Со овие законски измени практично се предлага укинување на постоењето на Комисијата за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка и пренесување на нејзините ингеренции на Комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, заедно со сите вработени, инвентар, предмети и средства за работа.
Иако со погоренаведените предложени законски измени најмногу е засегната работата на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, за текстот на вака предложените законски измени Државната комисијата дозна по поднесување на Предлозите од група пратеници до Собранието на РСМ. Како орган не сме биле поканети да учествуваме, не сме учествувале ниту пак сме биле консултирани во текот на изработката на предлог законскиот текст на измените. Бидејќи законските измени се предлагаат во скратена постапка истите не беа објавени ниту на ЕНЕР (Електронски национален регистар на прописи) како би можела стручната јавност, правните експерти и засегнатите страни со истите да изнесат свои забелешки и да предлог решенија. Како резултат на таинственоста на изготвувањето на предлог законските измени, отсуството на поширока дебата за потребата на истото, консултации и анализа на стручната јавност, се предлагаат законски измени кои се нелогични, правно неиздржани и кои штетно ќе се одразат на работата на Државната комисија.
Фузирање на два самостојни државни органи не може да биде извршено без темелна анализа и консултација со официјални лица од двата органи кои би изготвиле соодветен план и програма за истото. Преземањето на потребните дејствија кои се неопходно потребни за да се изврши подготовка во двата органи за да може да се постапи по задолженијата за превземање на вработени, инвентар, предмети и средства бара подолг временки период во кој би се изготвила соодветна внатрешна организација и систематизација на работните места, врз основа на степенот на образование, стручна подготовка, квалификации и работно искуство како на постојно вработените лица, така и на вработените кои согласно Законот треба да се превземат. Комисијата како орган кој согласно предложените законски имени треба да ги превземе вработените нема никаков увид и податок за колкав број на вработени станува збор, кои се нивните квалификации, каков степен на нивната стручна подготовка и образование имаат, како и за нивното работно искуство.
Дури по анализа за погоре наведените параметри може да се создадат услови за донесување на нова внатрешна организација и систематизација со цел да се створат услови за успешно преземање на вработените, инвентарот и предметите од органот кој што престанува да постои а тоа да не се одрази штетно на правата од работен однос на вработените, работата на институцијата и правата на странките кои имаат поведено постапки пред двете Комисии. Сакаме да го потенцираме фактот дека надлежноста на Државната комисија, која се состои од носење на одлуки во втор степен по жалби на акти – решенија донесени по прв степен од страна на органите на управата (министерствата, јавните установи, образовните институции, како и фактот дека Државната комисија претставува единствен државен орган на ниво на цела држава која постапува во втор степен по приговори изјавени против акти од работен однос, а се однесуваат на вработените во органите на државата управа чии што права од работен однос се уредени со lex specialis. Оттука, надлежностите на Комисијата директно се рефлектираат врз најсензитивните егзистенционални прашања на исклучително голема категорија граѓани, пред се вработени во здравството, органите за безбедност, пензионерите, корисниците на социјална помош и граѓаните изложени на социјален ризик.
Предлагањето на вакви законски измени во скратена постапка и брзината со која истите се носат во најмала рака е несериозно и несомнено упатуваат дека истото е водено од исклучиво политички причини. Не би сакале да веруваме дека се точни шпекулациите дека вака предложените измени се предлагаат со единствена цел предвремено да се прекине актуелниот мандатот на постојните членови на двете Комисии и дека веќе е “ скроен “ новиот состав на Државната комисија по терк на парламентарното мнозинство.
На крајот истакнуваме дека преку ваквиот преседан кој е спротивен на принципот на владеење на правото се прави упад во правниот систем и се создава правна несигурност и се воведува исклучетелно опасна праска секој нареден состав во законодавниот дом да може посегнувајќи по вакви алатки на припојување, укинување и проширување на надлежностите под превезот на “реформа на администрацијата“ да врши политички промени во професионални, независни и самостојни државни органи“, велат од Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
Со почит,