Свет

Во Австрија евакуирани седум села поради поплавите, но има една добра вест: Дождот престана да паѓа

Иако обилните врнежи што ги донесе циклонот Борис во Австрија во изминатите неколку дена претежно престанаа во текот на ноќта, ситуацијата со поплавите се уште е тешка, а во провинцијата Долна Австрија, која е најтешко погодена, седум села во областа Тулнерфелд се евакуирани.

Црвениот крст на саемот во градот Тулн формираше засолниште за итни случаи, кое може да прими до 1.000 луѓе, пишува виенски Курир.

Откако во Долна Австрија во последните неколку дена наврнаа пет до шест пати повеќе од вообичаеното количество месечни врнежи, дождот престана, а според метеоролозите од денеска до викендот не се очекуваат големи количини на врнежи.

Службите за итни случаи, сепак, сè уште се постојано ангажирани, особено во Долна Австрија, каде што четири лица загинаа во поплавите во последните денови.

Исто така, постои голема опасност од лизгање на земјиштето, а на планините во Салкамергут сè уште има снег до метар и половина.

Поради невремето се уште има долги задржувања и голем број откажани поаѓања во локалниот и меѓуградскиот превоз, а бројни патишта се уште се затворени.

Одредени линии на метрото во Виена сè уште не работат, а ограничувањата на јавниот превоз во главниот град на Австрија најверојатно ќе траат до среда.

Повеќе од 250 патишта во моментов се непроодни во Долна Австрија.

Најмалку 16 лица загинаа во поплавите во Централна и Источна Европа предизвикани од обилните врнежи што ги донесе циклонот Борис во претходните денови.

На почеток