(Видео) „Угина мечката која живееше во 10 квадрати кафез, во заробеништво и измачување во ЗОО-Битола“, објави Соколов
Угина мечката во Зоолошката градина во Битола, објави активистот за правата на животните од „Анимал војс“, Леонардо Соколов. Тој посочува дека скандал по скандал се трупаат на оваа градина за животни. Смета дека нехуманиот третман има најголема улога во случувањата.
Интегрално ви ја пренесуваме објавата:
„Скандал по скандал, ја следат Зоолошката градина во Битола. Животните кои со децении се чуваат како затвореници, во крајно нехумани услови, во мали кафези, без потребната нега, умираат едно по едно, а зоолошката продолжува да зема нови животни
Пред неколку дена, угина мечката која живееше 40 години во битолската зоолошка, живееше во 10 квадрати кафез, со базен кој никогаш не видел вода, угина мечето кое се радуваше кога некој ќе му посветеше внимание, кое се радуваше кога ќе беше прскано со црево вод… Угина во заробеништво, во измачување, сама, остана само празниот кафез кој секогаш ќе говори за измачувањето на мечето… Дали ветеринар извршил преглед, дали ветеринар пробал да ја спаси, дали умрела од старост или од нешто друго? Се е непознато, бидеќи Зоолошка Градина Битола која што е официјална страна, нема излезено со објава за угинатото животно, јавноста не е информирана!
Целата работа во зоолошката, ја извршуваат неколку вработени, кои конец со конец врзуваат за да се справат со сите животни, зоолошката нема доволно негуватели, нема ветеринар кој постојано е во зоолошката, кафезите се премали, животните живеат во фекалии, се мачат се додека не умрат, дали од старост, или од болести кои ги фаќаат како резултат на нехигиенски живеалишта!
Моментално, зоолошката ја красат неколку празни кафези, кои некогаш беа полни, и говорат за измачениот живот на животните кои биле заробени таму, но сигурен сум дека наскоро повторно ќе се наполнат, и како традиција повторно ќе умираат животни во истите!
Утре ќе биде испратено барање од јавен карактер, да видиме колку животни угинале во изминатите години, каков третман добиле истите од страна на ветеринарна грижа пред да угинат, колку животни има зоолошката итн…“, напиша Соколов.