Македонија

Бугарија си го брани амбасадорот, Сиљановска си ја брани фотографијата

Бугрското Министерството за надворешни работи застана во одбрана на ставовите на амбасадорот Жељаско Радуков кој вчера одбил да ја прифати протестната нота за изостанувањето на македонското знаме, за време на фотографијата од средбата помеѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и нејзиниот колега, Румен Радев. Истовремено, претседателката Давкова го правдаше фотографирањето пред две бугарски знамиња. Дипломатскиот скандал стана долга сага.

„Посетата беше по повод културен настан – гостување на Националната опера и балет на Република Северна Македонија во Софија и нема карактер на државна, официјална или работна посета. Во такви случаи, протоколарната практика не предвидува интонирање на химните, поставување други државни знамиња, како и други протоколарни атрибути. Горенаведеното го изјави и амбасадорот Радуков вчера во разговорот со дипломатите од МНР на РСМ“, наведуваат во својот став од бугарското министерство.

Претседателката во интервју за телевизијата Сител даде свое објаснување што всушност се случило.

Таа кажа дека видела оти го нема знамето, и мислела да си замине, но со тоа ќе направела скандал.

„Јас не знаев дека ќе треба да се сликам и во просторот каде што се одржуваат фотосесиите. Кога тргнавме ние, мислев дека ќе одиме во просторија за разговор, одеднаш кога влегов во просторијата ги видов двете знамиња и требаше да размислувам што да направам. Во тој момент едната мисла беше дека можам да си заминам и тогаш ќе направев скандал, а другата беше дека домаќинот ги утврдил правилата и дека домаќинот, а не јас греши и дека што е подобро си велам“, кажа Сиљановска Давкова, која подвлече дека ако си заминела, посета немало да има, но и ќе имало нова сенка.

На почеток