Украински напад со беспилотно летало предизвика пожар и принуди евакуација во руската област Твер
Украински напад со дрон предизвика пожар и принуди да се евакуира дел од населението во руската област Твер.
„Делови од уништеното украинско беспилотно летало предизвикаа пожар во градот Торопетс, во западниот дел на областа Твер“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот северозападно од Москва, Игор Руденја, пренесува Ројтерс.
Тој додаде дека пожарникарите се обидуваат да го локализираат пожарот, но не кажа што гори.
Тој, исто така, рече дека руските единици за противвоздушна одбрана се уште се обидуваат да одбијат масовен напад со беспилотни летала врз градот.
Според извештајот од 2018 година на новинската агенција Риа Новости, Русија градела складиште за ракети, муниција и експлозиви во Торопек, град стар 1.000 години со повеќе од 11.000 жители.
Седум украински беспилотни летала се уништени и над западниот регион Смоленск, напиша на Телеграм гувернерот на тој регион кој граничи со Белорусија, Василиј Анохин.
Други 14 беспилотни летала беа соборени над регионот Брјанск што се граничи со Украина, а уште неколку беа уништени над регионите Ориол и Тула, соопштија гувернерите на тие региони.
Киев претходно соопшти дека нападите на Украина врз Русија се насочени кон воената, енергетската и транспортната инфраструктура критична за воените напори на Москва.