Свет

Експлозија на летот од Крит: Патниците извикувале „бомба, бомба“, виделе пламен и чад

Вистинската драма се одвивала вчера на летот од Крит, кога дошло до експлозија во авионот.

Според пишувањата на медиумите, на летот EasyJet, кој требало да полета од Ираклион за Лондон, експлодирала електронска цигара додека била во полначот.

Во авионот настанала паника откако одекнала експлозија и кабината почнала да се полни со чад.

Патниците за DailyMail изјавиле дека слушнале силна експлозија.

„Потоа видовме чад, нешто црвено светна, а потоа видовме пламен и многу чад“, велат патниците.

Еден од патниците рекол дека непосредно пред експлозијата слушнал друг патник како вика: „Што е тоа? Што е тоа?!“.

„Викаа: „бомба, бомба, излези брзо“, ги раскажа патникот детали од драмата и додаде дека жената која имала електронска цигара во џебот почнала да мавта кога од нејзината чанта излегол чад.

Друг патник тврди дека жената, за која се вели дека е Британка, се обидела да излезе од авионот, барајќи од другите патници да се движат. Меѓутоа, кога чантата се запалила, таа ја фрлила во ходникот меѓу седиштата.

„Од торбата тргна оган и чад, потоа се слушнаа звуците на експлозијата и чадот почна да ја исполнува кабината“, сведочат вознемирените патници.

EasyJet потврди дека авионот на летот EZY8216 од Ираклион до Лондон бил евакуиран бидејќи за време на качувањето избувнал пожар во торбата на еден од патниците.

„Пожарникарите влегоа во леталото, а персоналот ги евакуираше патниците според протоколот“, соопшти компанијата.

На почеток