Се огласи тајванска компанија по израелскиот напад во Либан: Пејџерите не ги направивме ние, тие се произведени во Европа
Тајванската компанија Gold Apollo не ги направи пејџерите што експлодираа вчера во Либан, при што загинаа најмалку девет лица, изјави за новинарите основачот на компанијата Хсу Чинг-Куанг.
Најмалку девет лица загинаа, а речиси 3.000 се повредени кога пејџерите користени од членовите на Хезболах експлодираа истовремено низ Либан.
Сликите на уништените пејџери, анализирани од Ројтерс, покажуваат формат и налепници на задната страна кои се во согласност со пејџерите направени од Gold Apollo.
Хсу рече дека пејџерите користени во експлозијата биле направени од компанија во Европа која имала право да го користи заштитниот знак на тајванската фирма.
Либанското Министерство за надворешни работи ги опиша експлозиите како „опасна и намерна израелска ескалација“, за која рече дека е „придружена со израелски закани за продолжување на војната во Либан во големи размери“.
Бранот експлозии траеше околу еден час по првите детонации. Неименуван функционер на Хезболах рече дека детонирањето на пејџерот е „најголемото безбедносно нарушување“ со кое се соочи либанската милитантна група во речиси една година војна со Израел.