Свет

Во Италија повеќе од 1.000 луѓе се евакуирани: Водата стигна до центарот на градот, затворени училишта

Реката Сенио се излеа во населбата Кастел Болоњезе кај Равена и водата стигнува до центарот на градот, додека низ регионот Емилија-Ромања повеќе од 1.000 луѓе се евакуирани поради влошување на временските услови, соопштија денеска локалните власти во Италија.

Покрај 800-те луѓе евакуирани во областа Равена, уште 165 лица биле принудени да ги напуштат своите домови во областа Болоња, пренесува Анса.

Железничкиот сообраќај е во прекин од синоќа меѓу Форли и Фаенца, меѓу Равена и Кастел Болоњезе, Равена и Ферара и меѓу Равена и Фаенца поради временските услови кои можат да доведат до поплави.

Покрај железничкиот сообраќај, затворени се и училиштата.

Најпогодени се провинциите Болоња, Чезена, Форли, Равена и Римини.

Во мај 2023 година, регионот беше погоден од поплави и одрони поврзани со врнежи во кои загинаа 15 луѓе и предизвикаа штета од милијарди евра.

Да потсетиме, циклонот Борис со денови предизвикува проблеми во Европа, откако донесе обилни врнежи и предизвика поплави во Полска, Чешка, Австрија, Унгарија и Словачка.

На почеток