Слави Трифoнов: Вие постоите поради Бугарија; источните соседи удрија по Македонија
Лавина реакции во Бугарија предизвикаа изјавите на македонскиот вицепремиер и министер за транспорт Александар Николоски, кој ја нарече земјата „нецивилизиран домаќин“, говорејќи за изостанувањето на македонското знаме на фотографијата на македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова и нејзиниот бугарски колега, Румен Радев.
Лидерот на партијата Има таков народ и поранешен шоумен, Слави Трифонов, на својот фејсбук-профил ја коментира изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, упатена кон бугарските власти во врска со непоставувањето на македoнското знаме на средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев.
„И при официјалната посета на македонскиот премиер на Република Хрватска исто така немало македонски знамиња, туку само хрватски. Но, за ова ниту еден Македонец не кажа ништо. И сега да го цитирам дотичниот Николоски, кој, ословувајќи нè домаќини, го кажува следното: Домаќинот очигледно не е цивилизиран, ако сакаат, нека испратат протестна нота на тоа што го кажувам. Домаќинот не е ниту цивилизиран, ниту пристоен, ниту има почит, па ситуацијата е таква каква што е. Помизерни од нив се само оние слуги кај нас што потпишаа дека македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка историја, а немаат. Истите луѓе што потпишаа дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот и дека никогаш нема да влеземе во Европската Унија ако не признаеме дека сме Бугари и имаме бугарски корени, сега зборуваат за патриотизам. Крај на цитатот“, пишува Трифонов на својот фејсбук-профил.
Рекција стигна и од Кабинетот на Радев, од кадешто велат дека манипулирањето со фактите и хистеричните реакции на владата на Република Северна Македонија не влеваат оптимизам за напуштање на полето на провокации и оркестрирани скандали.
„Отворениот и конструктивен дијалог, дури и на неформалниот состанок, каков што се одржа меѓу претседателите на Република Бугарија и на Република Северна Македонија на 13 ноември, очигледно длабоко вознемири одредени кругови во владата на РСМ“, се вели во соопштението од кабинетот на Радев.
Според Лена Бориславова, Република Македонија се оттргнува од европскиот пат поради внатрешно-политички причини.
„Она што можеме да го коментираме за случајот со Северна Македонија е дека јазикот што го користат е неприфатлив. Ние сме на мислење дека договорот што е склучен врз основа на францускиот предлог е доволно добар и се виде дека и покрај критиките издржавме во тој момент, целосно политички мотивирани, во моментов интересите на Бугарија се заштитени, но колегите од Северна Македонија од политички причини, внатрешно-политички причини го оттргнуваат својот народ од европскиот пат“, рече таа, пренесе „БНР.бг“.
Бугарското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека ги известиле партнерите за неиспровоцираните провокации од функционери на Македонија, чија цел е да се наруши дијалогот.