Маж од кочанско почина поради компликации со западно – нилска треска
Седумдесет и осумгодишен маж од Општина Чешиново-Облешево на 16 септември починал по комликации од западно-нилска треска, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
„Четвртиот случај е исто така автохтон, во септември 2024 година, кај жител од општина Чешиново-Облешево, на територијата на Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) Кочани. Од страна на Одделението за вирусологија при ИЈЗ, Одделот за епидемиологија на заразни болести беше информиран за случај со западно-нилска треска преку добиена Пријава за изолиран/докажан причинител доставена на 12 септември. Првичните симптоми кај пациентот започнале на 09.09.2024 со намален апетит, малаксаност и покачена температура до 39°Ц. Поради појава на вознемиреност, агресивност, афазија и губиток на свест, пациентот на 10.09.2024 година со возило од Итна медицинска помош Кочани е пратен во Клиничката болница во Штип каде биле спроведени дијагностички невролошки процедури. Поради тешката состојба на пациентот и дијагностициран енцефалитис, во текот на истиот ден е упатен за Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје. Земени се примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители.
Со серолошко испитување потврдено е заболувањето западно-нилска треска.
Поради влошената состојба на пациентот и покрај поставување на кислородна маска и дадена терапија за стабилизирање на состојбата, пациентот егзитирал на 16 септември за време на хоспитализација при Инфективната клиника“, вели ИЈЗ.
Годинава во Македонија, пријавени се вкупно 4 лабораториски потврдени случаи на западно-нилска треска. Вирусот на западно-нилската треска е присутен меѓу дивите птици, а на луѓето се пренесува при каснување од обичниот (домашниот) комарец кој претходно се заразил хранејќи се на птиците.
Од ИЗЈ информираа дека пациентот е пензионер и татко на две деца. Според аналисите тој не патувал надвор од државата, ниту низ државата. Во семејството немало други лица со слични симптоми.