Македонија

(Видео) Медиумите ќе го следат судењето за убиствата на Вања и Панче: Палчо за првпат прозборе во судница

Јавноста останува во судница за случајот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Ова доаѓа откако обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска истакна ваков предлог по барање на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска. Адвокатите на дел од обвинетите се противеа на ваквиот предлог, а судијата Ивица Стефановски реши предлогот да го одбие.

„Постои јавен интерес за овој предмет затоа што превише е веќе експониран и мислам дека сите податоци за кои би требало да биде исклучена јавноста, се познати и не се од таков карактер, па мислам не се исполнети законските претпоставки. Децидно се противиме“, рече Марјан Витановски, адвокат на Љупчо Палевски-Палчо.

По ова, се изјасни и Палевски, кој е првообвинет како планер и реализатор на убиството.

„Дополнително се противам на предлогот и се откажувам, нема да барам да сведочи мајката токму од овие причини кои ги кажа Обвинителството, за да не ја вознемируваме и да не влијае…“, рече кратко Палевски-Палчо.

На ваков предлог се противеше и адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој е бранител на Александар Ѓорчевски, татко на Вања кој е обвинет во постапката.

„Сметам дека судот одлуката треба да ја заснова врз основа на јавниот интерес кој е присутен за овој кривичен предмет и во таа насока и таа смисла сметам дека не постојат законски пречки ниту законски основ за исклучување на јавноста во текот на целата главна расправа, имајќи во предвид, пред сѐ, како и на кој начин е информирана јавноста во досегашниот тек на оваа постапка. Оттаму оставам на судот, но потенцирам, раководејќи се од интересот и на таткото кој во оваа постапка е оштетен и жртва“, рече Туфегџиќ.

На почеток