Македонија

Министерката за финансии најави покачување на платите на вработените во образованието

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, денеска од Охрид најави дека ќе има покачување на платите за вработените во образованието.

,,Да го завршиме буџетот, меѓутоа е и една од работите на која што цврсто стојам, тоа е зголемување на платите за основно и средно образование за наставниците. Мојата борба исто така е да обезбедиме средства за зголемување на плати во здравството.”, истакна таа.

Одговори и за обвинувањата на опозицијата по однос предвидениот заем на средства од Унгарија, дека наводно со тие средства ќе биде зголемено задолжувањето на државата, таа повторно посочи дека се работи за средства кои биле планирани и од страна на сега опозициската партија.

,,Тие 500 милиони евра се истите оние коишто беа планирани во нивниот буџет. Ние тука ништо не зголемивме, истите се идентични. Колку што било предвидено да се зголеми долгот со нивниот иницијален буџет, истото и со нашиот. Разликата е во тоа што сакајќи да прикажат дека задолжувањето односно јавниот долг на државата ќе биде со помал процент , вештачки го надувале буквално народски кажано БДП односно стапката на раст. Ние само ја намаливме односно ја сведовме на нешто што очекуваме да биде реално за 2024 година. И сега се трудат да направат некоја забуна кај граѓаните или да ги однесат во една друга насока, дека ние го зголемуваме јавниот долг. Ние ништо не менуваме. 500 милиони евра, они имаа предвидено евро обврзница, ние велиме ќе биде кредитот од Унгарија. Зошто. Затоа што во овој момент, пазарот, европскиот кажува дека каматната стапка која што би ја добиле би била повисока од 5,5 проценти. Овој кредит е со 3,25 проценти.”, вели Димитриеска Кочоска.

Министерката за финансии имаше и обраќање пред учесниците на 23-та по ред Годишна конференција на Македонската берза што од денеска се одржува во Охрид.

На почеток