Мицкоски: Работиме Штипската болница да биде изградена во најбрз рок
„Јас мандатот го почнав пред неполни три месеци токму од пред штипската Клиничка болница и тогаш реков во овој мандат таа ќе биде завршена. Работиме на модел. Медицинско-техничко-економски модел којшто е во фаза на, би рекол, развој и очекувам дека до крајот на оваа година сето тоа ќе биде завршено и веќе од почетокот на следната ќе почнеме со градење на Болницата“, одговори претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешното новинарско прашање при посетата на Штип, во однос на изградбата на Клиничката болница и додаде:
„Проблемот е што пари нема. Парите ги украле или ги потрошиле за нешто што не требало. Требало за Болницата, но парите ги украле. За жал наследивме состојба таква каква што е, но тоа е што е, тука е, нѐ гласале граѓаните, да немаме оправдување, туку да работиме, да ја направиме работата подобра. Што е нашиот пристап? Нашиот пристап е да обезбедиме и финансирање, и допроектирање и опремување и изградба и пренос на објектот. Тоа во моментов Законот за јавни набавки не го дозволува. Ако е потребно ќе влеземе и чекор напред, ако треба мали нивелирања на Законот, само за да можеме да ги одглавиме многу проекти за коишто се почнати, парите се украдени и тие се сега споменици на едно време. Тоа правиме, иновираме, се трудиме да најдеме начин за сето ова го задвижиме и ќе успееме. Ќе успееме, јас сум оптимиста дека ќе успеам.“