Од денеска поевтинување на дел од прехранбените производи
Oбјавена Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат видови и количества на одделни стоки на потрошувачите со што од денеска се очекува граѓаните да ги почувствуваат ефектите од есенската потрошувачка кошница.
Одлуката ја донесе Владата на предлог на работна група формирана од министерствата за економија, финансии и земјоделство.
Цените на 73 прехранбени производи, кои се дел од есенската потрошувачка кошница, треба да бидат пониски до 31 октомври, а производите вклучени во оваа кошница, треба да бидат јасно обележани со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Министерот за економија Бесар Дурмиши на прес-конференција во петокот рече дека одлуката е донесена врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, за индексот на трошоци за живот, кои покажуваат дека во август годинава во однос на декември лани евидентирано е зголемување на трошоците за храна за четири проценти.