Кривична пријава против поранешен директор на затворот во Струмица: Осуденици користеле погодности, на вработените им се заканувал
СВР Струмица, до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе кривична приjава против Б.Ц.(40) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување” по член 353 од Кривичниот законик. Пријавениот, во својство на поранешен вршител на должноста директор на Казнено – поправната установа Затвор Струмица”, во текот на 2021, 2022 и 2023 година на затворските полицајци им наредувал и им се заканувал, надвор од законските прописи, да ги ослободуваат од затвор осудените лица Л.К., Ѓ.В. и Г.Т..
Имено, тројцата осуденици користеле погодности кои не ги следувале и не биле присутни во Затвор Струмица и по еден месец, а во евидентната книга, по наредба од пријавениот, било заведувано дека осудените лица биле присутни во затворот.
Во книгата за влез и излез од затворот, осудените лица не биле секогаш заведувани и по наредба на пријавениот се вршело бришење со коректор во книгата на други заведени осудени лица, а на нивно место се пишувал Л.К.. Исто така, Л.К. се водел во затворот иако во моментот бил надвор од државата.