Македонија

Апасиев: Ја будиме од ,,клиничка смрт” постојаната анкетна комисија за човекови права

– Навистина, ми е мерак што самото тоа што три часа дискутираме, покажува дека ја креваме од ,,клиничка смрт” оваа комисија којашто, единствено, е уставно спомената – истакна во своето обраќање пратеникот од Левица, проф. д-р Димитар Апасиев, при одржувањето на првата собраниска комисија на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во која тој е претседател.

– Ова е само почеток, верувајте! Моите планови како претседател на Комисијата е таа да не стане форум на политичко надгласување и надмудрување, туку баш форум за стручна дебата и се надевам дека со мнозинството од пратениците и со нас како опозиција дека тоа и би го постигнале. Оваа комисија, иако е од исклучително значење за правата на граѓаните, во изминатиот мандат воопшто не профунционира – додаде Апасиев.

На првата седница на Комисијата, во присуство на претставници од невладиниот сектор, пратениците го разгледаа Извештајот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за 2023 година. Присутните членови и гости истакнаа пофалба што за прв пат овој Извештај пристигна до Собранието.

Пратеникот Апасиев во своето прво обраќање, се осврна на неговата визија и цели за работа со оваа Комисија. Тој даде и посебен осврт кон т.н. судир на надлежности.

– Првото што мене и како правник и како политичар ми е чудно е самата правна рамка на Комисијата – она што ние правниците го викаме судир на надлежности. Еве, јас имав ситуација – вие утврдивте дискриминација дека Талат Џафери го дискриминира Димитар Апасиев по основ на политичка припадност, затоа што во 30 други случаи едно постапил, во мојот случај – поинаку. И ние со тоа ваше мислење отидовме на суд и Судот се прогласи за ненадлежен и нè упати на Уставен суд и сега сме на Уставен суд, во октомври имаме судење со интенција да стигнеме и до Стразбург – образложи Апасиев.

– Ако го вклучите и ОЈО, вие имате 6 – 7 органи, коишто имаат испреплетени надлежности! Значи, правната рамка, според мене, би требало да оди кон поедноставување на процесите. Не може граѓанинот и прекршочно и кривично да одговара за еден ист деликт – дообјасни тој.

Апасиев говореше и за делот на проектите што оваа комисија ги работи, како и за склучувањето меморандуми за соработка.

– Во ред е вие да работите проекти со државни органи, но проекти кои би се работеле со странски амбасади се она што вие го викате ,,сива зона”. Што ако оние со кои сте потпишале меморандуми се најдат како странка во вашата постапка? – образложи претседателот на Комисијата, Апасиев.

Со посебен акцент Апасиев ги спомена балансерот и сегрегацијата на учениците – Роми.

– Оспорувањето на балансерот како типична алатка на дискриминација – да биде оспорено пред Уставниот суд од ваша страна, а не од страна на ДКСК, бидејќи балансерот сам по себе не е коруптивен, тој е дискриминаторски. Во врска со сегрегацијата на учениците – Роми се поставува прашањето: Како може сегрегацијата на учениците – Албанци во Струга да биде човечко право, а во Кочани да биде дискриминација? – поентираше Апасиев.

На почеток