Македонија

Мицкоски: Унгарија е наш стратешки сојузник, продолжува економската соработка помеѓу двете држави

,,Денес имам чест да го поздравам мојот колега, премиерот Виктор Орбан, кој заедно со својата делегација е во дводневна официјална посета на нашата земја.

Оваа посета е доказ за одличните пријателски односи и соработката помеѓу двете земји, кои се продлабочуваат со секој изминат ден.

Македонскиот и унгарскиот народ, македонските и унгарските граѓани ги врзува длабоко вкоренето пријателство и заемна почит. Низ годините, нашите народи покажаа дека и покрај географската оддалеченост, заедничките вредности и визии се, исто така, клучни за градење на силни односи. Унгарија секогаш нè поддржувала, како во тешките времиња, така и во напорите за нашата европска интеграција. Денес, преку конкретни иницијативи и договори, тоа пријателство продолжува да се зацврстува, создавајќи солидни основи за идната наша заедничка соработка.

Историјата сведочи за нашиот заеднички стремеж кон мир, просперитет и соработка. Унгарија во минатото беше еден од првите наши партнери кој ги препозна македонските стремежи за независност и суверенитет. Со години наназад, политичките и економските врски меѓу двете земји се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво. Унгарија е не само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција.

Унгарија отсекогаш била силен поддржувач на проширувањето на Европската Унија и на нашите аспирации за полноправно членство. Ние ја делиме заедничката визија со нашите унгарски пријатели за интегриран Балкан, каде сите земји од регионот ќе бидат дел од големото европско семејство. Оваа визија не се однесува само на политичките и економските интеграции, туку и на нашата заедничка културна и историска врска која е клучна за стабилноста на целиот Балкански Полуостров. Верувам дека со поддршката на Унгарија и другите наши сојузници, Балканот ќе го заземе своето заслужено место во Европската Унија.

Денес имавме конструктивна тет-а-тет средба, на која разговаравме за широк спектар на теми од билатерално и регионално значење. Споделуваме заедничка визија за регионалната стабилност и економскиот просперитет, а денешните разговори беа фокусирани на конкретни проекти кои ќе го поттикнат развојот на нашите општини и бизниси.

Покрај тоа, дискутиравме за стратешки проекти како Север-Југ транспортниот и енергетскиот коридор, којшто го поврзува Балканот со Унгарија, кој е од огромно значење за енергетската сигурност и економскиот раст на целиот регион, а нашата соработка со Унгарија ќе биде клучна за успешна имплементација на овие иницијативи.

Во име на Владата и во мое лично име, сакам да му се заблагодарам на премиерот Орбан за неговата поддршка и пријателство.

Унгарија е пример за тоа како силните билатерални односи и заедничката визија можат да донесат конкретни резултати.

Верувам дека оваа посета ќе придонесе за уште посилно партнерство и за нови можности за соработка, кои ќе ги оствариме во интерес на граѓаните.”, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

На почеток