Средба Муцунски – Јодер во Вашингтон: реафирмирана силната поддршка од САД за македонското членство во ЕУ
На маргините на Конференцијата на глобалната коалиција за борба против ИСИС, Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски оствари средба со заменик помошникот секретар на Бирото за меѓународни наркотици и спроведување на законот при американскиот Стејт Департмент, Брандон Јодер.
На средбата стана збор за борбата против корупцијата и поддршката на САД во делот на владеењето на правото, што е меѓу приоритетите во рамките на Стратешкиот дијалог. Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка за демократски процеси во земјава.
„Високо ја цениме одлука на американската Влада за зголемување на фондовите за меѓународна контрола на наркотици и спроведување на законот, со посебен фокус на развојните програми за Граѓанска безбедност и спроведување на законот, како и за владеење на правото“, истакна министерот Муцунски на средбата.
Воедно, соговорниците ја истакнаа потребата од забрзување на евроинтегративниот процес на земјава. Во таа смисла, беше реафирмирана силната поддршка од САД за нашето членство во ЕУ. Поздравено беше и силното сојузништво во рамки на НАТО, поддршката за Украина, како и континуираните заеднички заложби за справување со глобалниот тероризам и современите безбедносни предизвици.