Градоначалник ќе се отповикува со закон – Перински рече дека за ова се подготвени
Можноста да се отповика градоначалник ќе се предвиди со новиот Закон за локална самоуправа, кажа денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински.
„Постојното законско решение е постаро од 20 години и во него не е предвидена можност за отповикување на градоначалник. Токму затоа сметаме дека треба да интервенираме во овој закон и преку широка консензус со странски и домашни експерти да најдеме заедничко решение и оваа аномалија да ја смениме“, рече Перински.
Тој додаде и дека со новиот закон ќе се предвиди воведување на комунална полиција.
„Сакаме во законот да го препознаеме моделот на комунална полиција бидејќи се соочуваме со секојдневни проблеми во овој дел. Сакаме да го адаптираме законот и да го направиме согласно модерните услови на живеење“, дополни министерот.