Либан: 46 лица загинаа во израелски напади во текот на вчерашниот ден
Четириесет и шест лица загинаа, а 85 се ранети во израелските напади врз Либан во текот на вчерашниот ден, соопшти либанското Министерство за здравство.
Привремениот либански премиер Наџиб Микати изјави дека на земјата и треба итен прекин на огнот во конфликтот меѓу Израел и Хезболах, додавајќи дека околу 1,2 милиони луѓе во Либан се раселени по израелските напади.
„Престанете со борбите. Не ни треба повеќе крв. Не ни треба повеќе уништување“, рече Микати. „Потребен ни е итен прекин на огнот“, рече тој.
Во Либан, по масовните експлозии на преносливи уреди на Хезболах на 17 и 18 септември и почетокот на интензивните бомбашки напади на 23 септември, кои главно беа насочени кон упоришта на Хезболах во јужниот и источниот дел на Либан и јужните предградија на Бејрут, Израел започна копнена инвазија за да се справи со Хезболах.