Трипуновски: Земјоделското земјиште од прва до четврта категорија ќе го заштитиме, нема да има градби кои што ќе значат девастација
„Некако изминативе години повеќе се делеше земјиштето на луѓе кои што се блиски до министер, премиер итн. А, вистинските земјоделци кои што ги среќавав ширум државата молеа за парче земја за да работат и егзиситираат“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски при вчерашното гостување во емисијата „Што мисли народот“ на ТВ Стар.
Трипуновски додаде дека со формирање на новата Влада се распределија договорите за околу 2.700 ха земјоделска површина.
„Паралелно на процесот за да нема злоупотреби, за да нема манипулации во секторот, предложив брза законска измена во Собранието на Република Македонија, тоа е Законот за земјоделско земјиште“, појасни тој.
„Со Законот кој што е во процедура, веќе на комисиската расправа помина и се очекува наредниве денови да помине и на Пленарната седница, што ќе значи влегување во сила, со него го заштитуваме земјоделското земјиште. Тоа е нешто што во минатото не беше случај. Знаете дека имаше многу пренамени, се злоупотребуваше, се градеа сериозни површини со фотоволтаици, се градеа хотели итн. Ние со оваа измена земјоделското земјиште од прва до четврта категорија го заштитуваме и нема да дозволиме градби на вакви објекти кои што ќе значат девастација на земјоделското земјиште“, нагласи министерот Трипуновски.
Трипуновски посочи дека проектите кои што се од јавен интерес никогаш нема да бидат стопирани, но во најголем дел ќе се стопира злоупотребата на ресурсот почва.
„Вториот сегмент кој што е на барање на земјоделците е дека со оваа измена го продолжуваме рокот на владеењето на земјиштето. Знаете дека досега согласно Законот договорите за едногодишни култури беше на 15 години со можност за Анекс. Сега новите договори кои што ќе ги склучуваме ќе бидат со времетраење од 30 години. И ова го бараа земјоделците затоа што едноставно сакаа да имаат превидливост во производството“, истакна тој.
Министерот додаде дека во делот на измената која што се подготвува е и Анексите да можат да се прават во пократок рок.
Тој истакна дека со тие неколку измени во Законот за земјоделско земјиште се дефинираат неколку пропусти кои што во минатото се случувале, а тоа е злоупотребата на овој ресурс.
Министерот најави и дека за 10-тина дена ќе има и нови огласи за земјоделско земјиште и ги повика земјоделците да следат.
„Во минатото дадов ветување дека ќе има и посебни огласи за сточарите, тоа е многу важно. Нашето сточарско производство е многу паднато во изминатиот период, производството на месо и на млеко е многу намалено. Затоа ваквите наменски огласи ќе бидат наменети исклучиво за сточарското производство затоа што не можеме да замислиме сточарско производство без сопствена земја“, укажа тој.