(Видео) Мизрахи: Новиот кадар во образованието е неопходен за подобри ефекти во создавањето на нови образовани и компетентни професионалци
На денешната трибина „Подобрување на образованието“, пратеничката Рашела Мизрахи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека реформите во образованието мора да вклучуваат сите аспекти како плати, кадровски решенија, инфраструктура и наставни материјали, бидејќи само целосен пристап ќе доведе до вистинска промена. Таа додаде дека дисциплината и квалификациите на наставниот кадар се клучни за создавање на високо образовани и компетентни професионалци.
„Кога ќе се започне фронтална битка против десистематизацијата во образованието, руинирање на целокупниот образовен систем, кој сепак за крајна цел има создавање на нови лица кои ќе бидат на пазарот на трудот високо елоквентни, образовани и полни со дисциплина. Првиот удар да биде на реформата во високото образование со вадење нов кадар или поелоквентен кадар кој што би бил една до две генерации имплементиран во образовниот систем, ќе доведе до подобри ефекти во образованието“, изјави Мизрахи.
Мизрахи нагласи дека авторитетот и честа на наставниците треба да бидат почитувани, бидејќи нивната улога е клучна за создавање на високо квалификувани професионалци. Таа додаде дека дисциплината и континуираното истражување ќе ги поттикнат наставниците да го подобруваат своето знаење и да придонесуваат во своето поле.
„Децата ги даваме во образовниот систем, а системот наставниците, професорите и учителите треба да направат луѓе. Честа и авторитетот треба да се вратат во рацете на наставниот кадар, висок наставен кадар заради тоа што воспитната компонента е битна, затоа што таа компонента повлекува дисциплина, а дисциплината овозможува агрегирање на базични основни информации, од коишто понатаму може да се гради лице кое што ќе добие интерес во цивилизациските придобивки дадени со она што сме го образложиле и научно го разбираме“, истакна Мизрахи.
Мизрахи нагласи дека Меѓународниот универзитет, зад кој стои струшкиот градоначалник, го отвори прашањето за лажни акредитации и создавање на невалиден образовен кадар.
„Вие образовниот циклус не го завршувате во моментот кога ќе добиете сертификат или диплома. Едно е дека вие добивате високо образование за да се квалификувате и на пазарот на трудот да влезете со висока квалификација, што значи висок бод или висока плата и понатаму висока пензија, меѓутоа од втората гранка што ја занемаруваме да ја разгледаме е идентитетската гранка. Високото образование води кон дисциплина, прибирање на информации, критично размислување и создавање на вокабулар на високо образована личност“, додаде Мизрахи.
Мизрахи ја изрази својата контрапозиција на ставот на поранешната министерка Мила Царовска, која тврдеше дека учениците не треба да бидат „бомбардирани“ со информации. Според Мизрахи, децата треба да бидат изложени на голем број информации, бидејќи тие се основа за критичко размислување и создавање на идентитет на образовани личности.
„Децата мора да бидат бомбардирани со информации бидејќи без информации не стигнувате до критична мисла, информациите ви даваат методологија, алатка и тактика за решавање на одреден проблем, со што во високото образование вие добивате и нов идентитет, идентитет студент. Откако компонентата идентитет-студент ќе заврши, вие добивате сертификат, како доказ дека имате нов идентитет, доктор, инженер, правник, економист. Доколку високообразовните институции не се темелат на дисциплина, прибирање на информации и создавање методи, алатки и тактики за решавање на проблеми, вие имате лажни високообразовни институции, тие се еден вид на трговски друштва во кои за одредена сума на пари добивате лажен идентитет со кој што ќе се имплементирате на пазарот на трудот. Во фелата на министерката за образование, во лекарската фела, кој сега ќе направи дистинкција меѓу вистинските бели мантили и оние кои што се само маскирани во бели мантили? Страшно е универзитетите, високообразовните институции да создаваат кадар со лажни идентитети, не создавајќи кадар имплементиран низ целиот систем и понатаму можете да кажете системот е руиниран заради тоа што една институција не е зградата и насловот на институцијата“, рече Мизрахи.
Мизрахи ги критикуваше и седумте години на безредие од страна на претходната влада и нагласи дека потребата за ред е клучна за напредокот, вклучувајќи го образованието. Таа додаде дека за успешни политики, особено во образованието, без аналитика нема ефективна политика.
„Имавме траорни 7 години на безредие, зачинето со страшно безобразие. Имаше огромна излезност на народот на претходните парламентарни избори и огромна поддршка за програма и идеја за нова иднина, ново утре. Но, што е клучот на сите прашања кои што се одговараат на сите теми, вклучувајќи и образование? Потребата од ред. Министерката за образование, министрите во моментов се обидуваат да направат ред. Велите да имаме политички тези, ама без аналитика нема политика, а за да имате аналитика мора да има ред“, истакна Мизрахи.
Мизрахи истакна и дека министерката за образование, Весна Јаневска, се соочува со огромен број вработени кои се изгубени во папирологија и документи, без анализа и решенија за проблемите.
„Имаме пред нас министер за образование кој многу често доаѓа во Собрание, повикува на јавна дискусија, на јавна расправа, комуницира со сите сегменти, сите чинители во образованието за да образложиме до каде сме и каде ќе одиме, кои наредни чекори ќе ги преземеме. Во безредието ни тонат и учениците и студентите и наставниците кои што не знаат дали ќе примат плата, колкава плата, ќе има ли материјали, кој ќе им биде програмот, зошто да биде овој, ќе се смени ли власт, ќе се смени ли овој програм“, додаде Мизрахи.
Мизрахи истакна дека студентите се повеќе загрижени за практични проблеми како оброк, сместување и материјали, наместо за воспоставување ред во образовниот систем. Според неа, проблемот со кадарот во високото образование се однесува на недостигот на нови кадри, но искуството на постоечкиот кадар не треба да се занемари.
„Студенти кои повеќе мислат на тоа дали ќе има студентски оброк, автобуски карти или дали ќе има материјали, книги каде ќе ги набават, дали ќе имаат сместување, на што ќе личи тоалетот каде ќе престојуваат, наместо да мислат на редот кој што треба да се воспостави, а тоа е образованиот циклус. Зачинуваме со тешки прашања, од типот на дали стар кадар или нов кадар во високообразовните институции“, истакна Мизрахи.
Мизрахи нагласи дека министерката и другите министри во моментот прават анализа на состојбата и вложуваат големи напори за воспоставување ред. Тие ја информираат јавноста за актуелната ситуација и бараат помош од сите чинители за да го подобрат системот за доброто на сите.
,,Сето ова што го прави министерката во моментов и сите министри е аналитика на состојбата која што е најдена во моментот за да се направи ред. Да бидеме благодарни што во овој момент имаме луѓе во извршната власт кои што надчовечки даваат напор за да направат анализа, да излезат во јавноста, да ја презентираат моменталната состојба, да ја информираат јавноста, да побараат помош од сите чинители за да направат ред за сите нас“, заклучи Мизрахи.