Ѓорѓиевски: Идеите за сработеното ги црпам од граѓаните и нивните потреби
Граѓаните се непресушен извор на идеи и од средбите со нив произлегоа голем број на проекти, изјави за Вечерното шоу на Богдан Илиевски градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, говорејќи за промените што и се случија на општина Кисела Вода во неговиот мандат. Потенцираше дека е потребна волја и желба да се менуваат нештата на подобро и дека најважното нешто за еден политичар е да остави зад себе дела кои го подобриле животот на граѓаните.
-Доволно е да имате близок контакт со граѓаните, да ја живеете и да ја познавате материјата, да ги познавате проблемите, да знаете што е фокус и што е она што со години ги мачи нашите граѓани. Кисела Вода беше една општина каде што минатите избори кога јас бев кандидат, сеуште во многу населени места приоритет беше фекална канализација, водоводна мрежа, проблеми кои беа предизвик да се решат. Можам да кажам дека на крајот на денот, кога ќе го завршам мандатот, а јас имам уште година и еден месец, тоа повеќе тоа нема да се споменува и ќе остане зад нас како едно од тешките, горливи прашања кои се надминале.
Доволно е да сакате да ги промените работите во оваа работа, секогаш ќе има идеи, секогаш ќе има некој граѓанин кој на приемните денови кој ќе истакне некоја идеја која мене на мене и а мојот тим не ни била приоритет, имаме и такви проекти кои се реализирани. Раководење на општина е жива материја, можеби вие кога ја правите програмата до вас допираат идеи на малкумина граѓани, но кога навлегувате во материјата детално сфаќате дека тоа што сте го предвиделе во програмата за одредено населено место не е до толку голем приоритет, наспроти она што е вистинска потреба на граѓаните. Има и нови проблеми кои тековно се појавуваат, но најважно од се’ е да се има волја, да се даде се’ од себе. Jас така ја имам разбрано политиката, еден ден ќе завршам со политика и важно е зад себе да оставам дела-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.