Таравари: Докторите од приватното повторно ќе можат да се вратат во јавното здравство
„Подобрување на здравствениот систем, здравствената заштита и услуги за пациентите се приоритет на Министерството за здравство. 100 дена нова Влада значи вработување на 600 специјализанти во дефицитарните области, укинување на економските директори, нова магнетна резонанца во поликлиника Идадија, реновирано одделение на Дигестивна хирургија и нова апаратура, проширување на позитивната листа за 9 генерици или 87 лека“, посочи министерот за здравство Арбен Таравари.
„За 100 дена Влада се укина постоењето економски директори, што значи заштеда за здравствениот систем. Во тек е мерката 300 плус 300 за вработување во јавните здравствени установи во дефицитарните области, која се одвива во две фази, и тоа вработување на 300 специјализанти до крајот на годинава, и 300 специјализанти следната година. Со ова им даваме шанса на младите доктори и покажуваме дека водиме грижа за пациентите.
Во првите 100 дена се прошири позитивната листа со 9 генерици или 87 лека, во различни форми, јачини и пакување и тоа за крвен притисок, срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија и за деменција. Ова е значително олеснување за пациентите, со што вкупно еден милион евра ќе останат кај граѓаните“, рече Таравари.
„Понатаму, комплетно е реновирано одделение за дигестивна хирургија, набавена е апаратура за лапароскопски столб и изведба на оперативен зафат со употреба на флуоресцентен контраст во вредност од милион евра.
Во Поликлиника Идадија во рами на Здравствен Дом Скопје е пуштен во употреба новиот апарат за магнетна резонанца, кој претставува врв во дијагностиката“, додаде министерот.
Тој и натаму стои цврсто позади планот кој неговите претходници го ветуваа со години, а тоа е две катни гаражи на Клинички, но и спојување на скопските клиники во еден центар со кој ќе раководи еден или неколку директори.
„Моментално, на Клинички центар има 800 паркинг места, вака би имало над 1.600 места за паркирање, што мислам дека ќе биде многу порелаксирано за сите кои работат и кои доаѓаат како пациенти во Клиничкиот центар. Процедурите не можеме да ги забрзаме. Мораме да се придржуваме на сите законски норми. Ќе се обидеме целиот процес да биде што потранспарентен и што побргу да ја завршиме постапката. Барем, ако можеме, од почеток на идната година да се користат катните гаражи“, рече Таравари.
Таравари откри дека Владата ја тргнала забраната од претходната власт, за докторите да не можат да се вратат од приватно во државно здравство. Според него тоа е чекор напред за да да се подобрат здравтвените услуги.
„Од август 2022 година имаше забрана да не можат од приватни болници да се вработат во државни. Пред три недели го поништивме ова. Сега подготвуваме правилник во Министерството… Јас разговарав со 10 такви лекари, врвни стручњаци, тоа се кадри што гледаат надеж во јавното здравство. Ова е добар чекор, се надевам дека идната година ќе продолжиме со такви доктори кои покажуваат интерес да се вратат во јавното здравство“, заклучи министерот.