Македонија

(Видео) Мицкоски: Со премиерот на Србија Вучевиќ разговаравме за продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји

Премиерот Христијан Мицкоски денеска се сретна со премиерот на Република Србија, Милош Вучевиќ.

Како што извести Мицкоски на прес-конференцијата, на средбата било разговарано како да ја продлабочат економската соработка, како да ги поврзат луѓето и како да се создадат можности за идните генерации кои доаѓаат.

„Посебно се осврнавме на културната соработка и образованието. Се согласивме дека инвестирањето во младите е инвестирање во иднината. Кога нашите млади уште повеќе ќе се поврзат, ќе учат едни од други и ќе создадат заеднички проекти, тогаш сме сигурни дека регионот ќе оди напред.

Исто така, зборувавме за предизвиците со кои се соочува регионот. Во овие турбулентни времиња, неопходно е да бидеме заедно, да бидеме глас на разумот и да работиме кон стабилност и безбедност на целиот регион. Ја истакнавме важноста на дијалогот како единствен пат за решавање на спорови и недоразбирања.

Во однос на нашите европски аспирации, ја потврдивме заедничката визија дека иднината на регионот е Европската Унија. Знаеме дека патот до таму не е лесен, но веруваме дека со заеднички напори и поддршка можеме да ги исполниме критериумите и да ги донесеме придобивките од европската интеграција на граѓаните во регионот“, рече Мицкоски.

„Исто така можам да кажам дека зборувавме во делот на енергетското поврзување на двете земји. Посебно ја истакнавме важноста од изградбата на гасниот интерконектор којшто ги поврзува или ќе ги поврзува во иднина двете земји. Бидејќи ние сме сега во фаза на завршување на тендерска постапка со којашто конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со нашиот јужен сосед, за да обезбедиме дополнителна опција за снабдување на гас на Централна Европа. Овој интерконектор со нашиот северен сосед е исклучително значаен. Тоа беше еден од важните сегменти во нашите разговори.

Во фаза сме да го пуштиме во употреба или продуктоводот или во јасноста познат како нафтовод којшто ја поврзува нашата земја со нашиот јужен сосед. Цениме дека тоа би било добра опција, да истиот тој продуктовод или нафтовод биде поврзан и со нашиот северен сосед и на тој начин да обезбедиме уште еден коридор.

Зборувавме и за изградба на брзата пруга којашто е дел од Коридорот 10, којашто претставува стратешки приоритет на нашата Влада исто како што е и Коридорот 8. Но заеднички приоритет е изградба на Коридорот 10 и со нашиот северен и со нашиот северен сосед. И на тој начин практично ги опфативме оние теми кои што се важни, видовте и самите, присуствувавте на потпишување на Меморандум за соработка во делот на енергетиката, рударството и минералните суровини. Така што можам да кажам дека регионалното поврзување останува приоритет за двете држави и тоа регионално поврзување да биде дел од идното поврзување и интегрирање во рамките на Европската Унија.

Исто така ја отворивме темата за одржување на заеднички влади, нешто кое што го правиме вообичаено со владини седници, истото што го правиме и со другите наши соседи. Така што мислам дека односите помеѓу двете земји се на исклучително високо ниво и во периодот кој што следи истите треба да ги продлабочуваме.

Како македонска Влада нашата ориентација е многу пати повторена, ќе ја повторам и денеска, а тоа е да градиме добрососедски односи со сите наши соседи и нормално заеднички како регион да бидеме дел од Европска Унија“, соопшти Мицкоски.

На почеток